fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Наместо палење на стрништа – град Скопје бесплатно ќе подигнува остатоци од берба

Градот Скопје и годинава ќе организира бесплатно собирање на остатоците од берба за да се спречи палењето на стрништата, а со тоа да се заштити воздухот од загадување. И годинава кампањата ќе излезе од административните граници на Скопје и ќе го опфати целиот Скопскиот плански регион, зашто сите жители на котлината го дишат истиот воздух.

–       Минатата година оваа кампања за првпат беше организирана од Град Скопје со поддршка од УНДП и МДЦ-Ти.нет и со гордост можам да кажам дека постигнавме одлични резултати. Тоа не охрабри кампањата да ја повториме и оваа година и да ја прошириме на повеќе нивоа. Во текот на 2019 година бесплатно подигање на отпадот од бербата од Град Скопје побараа над 120 жители на Скопје, при што беа подигнати, а со тоа беше спречено палењето на околу 700 кубни метри органски отпад. Покрај бесплатното подигање на органскиот отпад, како дополнителна мотивација нудиме можност секој што ќе ја искористи оваа поволност, во сезоната на садење да добие околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад – рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.

Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која спроведува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, за да се намали загаденоста на воздухот, да се зачува плодноста на почвата, но и да се спречи ширењето на евентуални пожари кои неретко предизвикуваат материјални штети, а понекогаш загрозуваат и човечки животи.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, пак, ги повика и преостанатите општини да се приклучат на ваквата иницијатива.

–       Ние, како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство постојано сме на терен, во директна комуникација со земјоделците и ја користиме секоја прилика да им укажеме на штетноста од палењето стрништа со цел да ја подигнеме свеста за заштита на животната средина. Упатувам апел до земјоделците од целата држава да не ги палат стрништата и сувите остатоци по дворовите, за да се даде максимален национален придонес кон намалување на загаденоста на воздухот и заканите од пожари. Земјоделците од скопскиот плански регион, ги повикувам да продолжат да се јавуваат во Градот Скопје за бесплатно собирање на стрништата – рече Димковски.

 

Слични написи

Back to top button
Close