fbpx
Вести

Наредната недела пресудна за навремен почеток на пролетната сеидба

Следната недела ќе биде одлучувачка дали пролетната сеидба годинава ќе почне навреме, односно дали ќе се запазат оптималните рокови за одредени земјоделски култури. Доколку во неделата што следи се задржат овие температури нема дилема дека пролетната сеидба ќе почне навреме – на 8 април.

Состојбата со земјоделските површини во различни региони во државата е различна. Пролетната сеидба најчесто почнува порано во Овчеполскиот регион каде е посуво и потопло, а подоцна во регионот на Западна Македонија.

proletna-seidba-kocansko-banskoliev-(131)

-Во некои региони се доцни со примарната обработка на површините, односно со садење на компири, кромид и други култури, како и со сеење на луцерка, пченка и сончоглед. Повисоките температурите во февруари не се задржаа и во март. Пониските температури во март не дозволија непречено одвивање на активностите за подготовка на пролетната сеидба. Дали пролетната сеидба ќе почне навреме зависи од тоа какви температури ќе имаме во наредните десет дена, вели Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис комората.

Од пролетните култури најзастапени се пченката, сончогледот и градинарските култури. Што се однесува до градинарските култури тие во најголем дел се заштитетни од надворешните влијание, бидејќи поголем дел од нив се под пластеници каде се контролира температурата и влажноста. Поголем проблем ќе има со оние култури кои се садат на отворено и кои во голема мера зависат од надворешните влијанија. Особено ќе има проблем со пролетните култури кои треба да се засадат во Кочанскиот, Струмичкиот и Гевгелискиот регион каде што имаше многу дождови и каде почвата има поголема влажност.

-За да се изврши оптимална сеидба минималната температура на почвата, односно на површината на земјата за сончогледот треба да биде 8 степени, а за пченката 10 степени. Доколку дојде до пад на температурата на почвата под овие степени може да дојде до гниење на семето колку и да е квалитетно, вели Оровчанец.

Тој апелира до земјоделите да не прават експерименти на сорти-хибриди на сончоглед, пченка и на градинарски култури на големи површини за да немаат големи разочарувања. Доколку прават експерименти со нови сорти, тоа да го прават само на три до пет отсто од површините.

-Новитетите, односно новите сорти треба да се прифаќаат по искуство од две до три години. Веќе имавме случаи кај пченката и сончогледот со нови сорти кои не беа успешни. Токму од тие причини земјоделците во првите години треба само да ги пробуваат овие сорти на мали површини, а подоцна доколку истите се покажат како добри да почнат да ги садат на поголеми површини. Да одат на проверено, а не веднаш 100 отсто од површината да ја насадат со нова сорта, потенцира претседателот на Агробизнис комората.

Пролетната сеидба не треба да доцни и засадувањето на пролетните култури треба да почне на 8 април, смета претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев.

-Нивите веќе се ораат, а поголем дел од нив веќе се изорани и подготвени за пролетната сеидба. Пролетната сеидба се очекува да почне порано во Овчеполскиот регион каде почвата е посува, а потоа во регионот на Западна Македонија, каде е поладно и почвата е повлажна, вели Шаклев.

Што се однесува до застапеноста на пролетните култури, најголем дел од почвите ќе бидат засадени со пченка и сончоглед. Од градинарските култури најзастапени се бостанот, доматот и пиперката кои се садат на отворено и за кој се уште е рано.

Наспроти грижите со пролетната сеидба кај земјоделците оваа пролет изостанаа финансиските проблеми, бидејќи субвенциите се исплаќаат редовна и во предвидените рокови. Така со парите од субвенциите можат да набават семенски материјал, ѓубре и се што им е потребно за пролетната сеидба. Сега, само чекаат уште времето да им се погоди.

Минатата година големите поплави ги одложија пролетните сеидби, а тоа го пролонгираше и рокот за пријавување субвенции поради што земјоделците се соочуваа со големи проблеми. За среќа, годинава земјоделците ги немаат тие проблеми и очекуваат успешна пролетна сеидба.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close