fbpx
ВестиСовети

Недостигот на магнезиум негативно влијае на приносите

Магнезиумот спаѓа во групата на секундарни макроелементи заедно со калциумот и сулфурот. Неговото значење во исхраната на растенијата е многу големо поради тоа што како составен ден на хлорофилот, тој учествува во фотосинтезата на јаглехидратите. Исто така, има значење за нормалното функционирање на ензимите во растението, како нивни активатор, или како нивни составен дел. Учествува во транспортот на фосфорот во растението и во транслокацијата на скробот. Покрај тоа, го регулира внесувањето на хранливите материи во растението и го зголемува искористувањето на железото. Учествува во синтезата на мастите и ја поддржува азотофиксацијата кај легуминозните растенија.

Достапноста на магнезиумот се менува во зависност од реакцијата на почвата и кај киселите почви е послабо достапен отколку кај алкалните. Поголемата содржина на манган кај некои почви може да го редуцира внесувањето на магнезиумот, како и ниската температура на почвата. Почвите кои содржат високи концентрации на калиум и калциум најчесто имаат помалку достапен магнезиум, а високите дози на ѓубрење со калиум може да ја намалат достапноста на магнезиумот.

Поради сето ова можна е појава на недостиг на магнезиум. При недостиг на магнезиум растението покажува надворешни симптоми од кои најкарактеристично е губењето на интензитетот на зелената боја. Кај листовите во просторот помеѓу главните нерви се јавува хлороза (светлозелена, жолта), а непосредно околу нервите зелената боја се задржува. Оваа појава се приметува прво кај постарите (подолните) листови и полека се шири  кон помладите. Со време се јавува некроза на хлорозните делови на листовите и нивно угинување. Кај некои растенија доаѓа до кадравење на ивиците на листот или појава на црвено-кафеава до виолетова боја. Недостигот на железо и калиум може да даде симптоми слични на недостигот на магнезиум(хлороза). При недостиг на калиум се губи зелената боја меѓу нерватурата на листот, но за разлика од недостигот на магнезиум некротичното ткиво е суво.

Магнезиумот е значаен за сите култури, а како посебно осетливи кон недостиг на магнезиум се сметаат: луцерката, боровницата, репата, брокулата, зелката, карфиолот, целерот, детелината, пченката, памукот, краставиците, патлиџанот, зелената салата, кромидот, пиперката, компирот, тиквиците, доматот и бостанот. Посебно внимание треба да се посвети кај повеќегодишните насади (овоштарници и лозја). Особено треба да се внимава при појават на недостиг на магнезиум кај песокливите почви со мал капацитет на измена на катјони, кај почви формирани врз вулкански седименти, богати со калиум, кај многу карбонатни почви и во услови на обилно ѓубрење со калиум.

Најдобро е ѓубрењето со магнезиум да се примени преку системот за фертиригација, а доколку е потребно итно да се реагира, се препорачува фолијарна апликација, па потоа додавање со фертиригација. Најприменувани магнезиумови ѓубриња се магнезиум сулфатот, магнезиум нитратот и хелатниот магнезиум. Особено добри резултати се постигнуваат со примена на магнезиум нитрат. Во случаи кога недостигот на магнезиум е индуциран од неговата намалена достапност (кисела почва, високи содржини на калциум или калиум) најдобро решение е примената на магнезиум хелат, поради фактот дека хелатните форми многу тешко се инхибираат.

Магнезиум сулфат може да се применува со фертиригација, преку системот за микронаводнување(капка по капка и микродождење) и фолијарно, и тоа неколку пати во тек на вегетацијата, а особено се препорачува при формирањето плодови, во текот на созревањето и во период на берба, кога се јавуваат и најголемите потреби.

 

Валентина Соколовска

за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close