Преспанските овоштари не се задоволни во целост од исплатата на стандардната и интервентната мерка за индустриско јаболко. По вчерашната средба со министерот за земјоделство Трајан Димковски во Ресен ,тие реагираат дека кај апликантите кои истовремено бараат субвенции по двете мерки, 1.10 и 1.10 а, им биле исплатени субвенции само заедна мерка. Во исто време министерот им кажал дека се спорни околу 5000 тони јаболко и дека овоштарите треба наново да аплицираат, а парите ќе ги добијат во најбрз можен рок, до оваа есен.
-Земјоделците од Преспа очекуваат дека во наредните денови ќе ги добијат парите за предаденото индустриско јаболко за цела 2018 година. Дел од земјоделците добија пари за мерката 1.10, дел за 1.10 а, а за дел од овоштарите имаме информации дека воопшто не добија пари по било која мерка.Оние земјоделци што аплицираа за двете мерки добија само за мерката 1.10. За мерката 1.10а ќе мора да се аплицира повторно. Значи револтот кај земјоделците е што парите од ланската година ќе стигнат околу 1 октомври, пред новата берба на јаболката. Имаме трпение, но незадоволството е големо, бидејќи ни требаат пари да ги покриеме трошоците, за работна рака, за амбалажа и слично, изјави за „Зелена берза“ Томче Николовски, овоштар од преспанското село Евла.
Според Николовски минатата 2018 година, за овоштарите била исклучително лоша година поради што овие пари им значат многу и ќе одат докрај за нивна исплата, бидејќи не се воопшто виновни за било какви административни пропусти.
Овоштарите реагираат и на социјалните мрежи зошто и покрај ветувањата дека ќе ги добијат парите од двете мерки тоа не се случило.
-Покрај тоа што не се случи исплатата на двете мерки истовремено голем процент од земјоделците немат земено по никоја мерка, значи кај некои не легнаа никакви средства,а ние што не опфаќат двете мерки нормално дека ни ја исплатија помалата сума, реагираат овоштари .
За новото ветување од министерот Димковски дека парите ќе им бидат исплатени до 1 октомври велат.
-Ме чуди како ќе го решат проблемот за еден месец кога не успееја за четири месеци, велат овоштари од Ресен.
Вчера Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати 106 милиони денари за дополнителната субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка во преработувачки и откупувачки центри до 25 декември лани.
Оваа интервентна мерка Министерството за земјоделство ја донесе со цел да се покријат загубите на овоштарите поради проблемите коишто се јавија при откупот на јаболка во ланската реколта и да се ублажат последиците од временските непогоди во изминатиот период.
Министерот Димковски вчера изјави дека се исплатени 106 милиони денари, а на 2.100 овоштари им се исплатени одредени суми во зависност од предадените количества.
Градоначалниот на Ресен Живко Гошаревски, пак, пред овоштарите посочи дека од последното силно невреме што го зафати Преспанскиот Регион, се уништени 420 хектари, а општината забрзано работи на подготовка на елаборатите со цел земјоделците побрзо да бидат обесштетени.
А.Б