fbpx
Вести

Нема евтина зелка за расолница

Килограм есенска зелка за расолница во малопродажба чини 20 денари, а трговците од земјоделците ја откупуваат за само 6 денари. Земјоделците стравуваат дека цената уште повеќе ќе се намалува, бидејќи не е обезбеден пласман на производството на домашниот пазар ниту има договорено поголем извоз во странство.

nema evtina zelka za rasolnica

Не се сигурни дека граѓаните ќе можат да си направат евтина кисела зелка, оти ќарот оди кај трговците. “За дваесетина дена, откако е почнат откупот, цената е повеќе од преполовена. На почетокот од продажбата на првите количини, килограм зелка на големо чинеше 15 денари, а сега производителите едвај добиваат 6 денари.

Додека траеше извозот на мали количини во Грција, цената беше повисока, но штом престана извозот, веднаш се намали на неисплатливо ниво”, вели Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикати на земјоделците во Струмица. Според Велков, производствените трошоци за есенската зелка биле многу високи. Поради топлото и сушно лето, одгледувачите потрошиле многу вода, а приносот е помал за 20 до 30 отсто во однос на лани. Производителите на зелка се соочија со проблеми при пласманот и на пролетната зелка, за која откупувачите плаќаа по 10 денари за килограм. Во април годинава, со блокади на магистралниот пат Струмица бугарска граница, тие побараа интервентен откуп на оваа раноградинарска култура од државата и откупна цена која нема да се намали под 20 денари. Земјоделците побараа и субвенционирање од државата на разликата од откупната цена до 20 денари. Годинава лошо поминаа и производителите на ајварката, чија откупна цена е само 12 денари, а според трошоците за производство, не треба да се движи од 20 до 24 денари, во зависност од квалитетот.

Незадоволни од цената која им ја нудат трговците, дел од нив го оставија пиперот да им скапе на нивите, а дел го продадоа на диви препродавачи, кои директно од нивите во Струмица го носат на неколку импровизирани пазари во Скопје. Препродавачите, кои ги толерираат инспекцијата и полицијата, ајварката ја продаваат за 20 до 30 денари по килограм. Производители на куртовска капија велат дека ако не се дивите трговци, ќе им скапе целиот род на нивите, бидејќи легалните откупувачи одбиваат да го земат родот и ја намалуваат цената, а нема интерес ниту од преработувачките капацитети.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close