Нема нови случаи на болеста „Чвореста кожа“
Нема нови случаи и жаришта на болеста чвореста кожа кај добитокот, но се преземни мерки за намалување на можноста за нејзино ширење кај добитокот, изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски.
– Постојат сомнежи за појава во подрачја околу Демир Капија, но тие не може да се потврдат додека не бидат готови лабораториските резултати. Предадени се мостри за анализа и се додека не се добијат конечните резултати од анализата можам да кажам дека нема ново жариште – рече Поповски
Според него, досега е заразено само едно животно, но се убиени пет, бидејќи имале контакт со заразеното.
Тој посочи дека болеста не се шири кај луѓето но треба да се ограничи можноста за заразување на добитокот и ширење на болеста и да се намалат штетите бидејќи заразените животни и оние кои биле во контакт со нив се убиваат.
– Забраната за млеко и месо од потенцијално заразените региони е воведена за спречување на натамошно ширење на „чворестата кожа“ -рече Поповски.
Поповски, посочи и дека согласно правилниците на сточарите ќе им биде исплатен соодветен надоместок за угинатите животни.