fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Никој во Македонија не побарал дозвола за увоз на лав-Постои ли шверц со диви животни во земјава?

Кога ќе почне да рика, никој нема да може да го скрие

Последните неколку денови на социјалните мрежи се појавуваат фотографии и видеа на кои се гледаат мажи и жени, па дури и деца кои позираат со мало лавче.

Овој тренд на позирање со лавче кое не е постаро од три месеци во луксузни автомобили, вили и хотели, во јавноста го обелодени портпролката на Зоолошката градина Скопје, Тина Мицковска.

Таа на Фејсбук објави неколку видеа и повика да се пријават овие споделувања и постови бидејќи трговијата и нелегален шверц со диви животни во земјава е забранета со закон.

Мицковска, исто така, предупредува дека не само овде, туку низ цела Европа има ригорозни казни и законите предвидуваат повеќе години затвор за тој што ќе биде фатен со ваков вид на животно.

„Повеќе познати скопски фаци, меѓу кои и сопственик на луксузен хотел во Скопје се сликале со лавче, со лавчето се сликале и вработени на аеродромот ТАВ. Лавчиња очигледно има и во Куманово, не е само едно“ вели Мицковска.

Дополнителното пребарување на Мета на социјалните мрежи, покажа дека сопственик на извесен профил на Тик Ток се пофалил дека лавчето кое тој го објавува било именувано како Симба.

Новинарите на Мета стапија во контакт со господинот кој фотографиите ги објавил на Тик Ток и тој негираше дека лавчето од неговите видеа било на територија на Северна Македонија.

„Јас лавчето го видов во Косово во Гњилане во ресторанот ‘Маја е зез’ каде што има уште еден голем лав. Сопственикот на ресторанот ми го даде да го повозам“, рече тој.

Но, вработените во косовскиот ресторан, телефонски негираа дека имаат мал лав.

„Ние сè уште го чуваме големиот лав кој веќе со години е кај нас и ќе остане тука додека институциите најдат соодветно решение за него, ама мал лав воопшто немаме“, ни рекоа од комплексот ‘Маја е зез’.

Покрај тоа, фотографии од лавче на социјалните мрежи објавила и жена од Куманово, која на својот профил на Фејсбук се изјаснила како вработена во Министерството за култура.

Таа на 26-ти овој месец објавила повеќе фотографии на кои се гледа како држи и милува мало лавче. Дел од фотографиите со лавчето, на кои се гледаа и деца беа отстранети од социјалната мрежа пред објавата на овој напис.

Иако Мета побара одговор од Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и Државниот инспекторат за животна средина, сè уште нема повратна информација од надлежните како ова лавче влегло во земјава.

Во меѓувреме, покрај Тина Мицковска реагираше и здружението Анима мунди-здружение за заштита на животни. Тие ги повикаа надлежните министерства итно да го расветлат случајот и да ѝ соопштат на јавноста кој дозволил влез во државата на младеничиња од лав.https://meta.mk/foto-kako-simba-dojde-kaj-kumanovci-postoi-li-shverc-so-divi-zhivotni-vo-zemjava/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close