Во текот на наредните денови ќе биде распишан тендерот за набавка на зелената нафта согласно со сите постапки и процедури, неопходни за воведување една нова мерка во Програмата за директна поддршка за 2019 година.
Ова го најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски при денешниот престој во Прилеп.
-Обезбедени се над 200 милиони денари за покривање од 30 отсто за првата година, со можност до 50 отсто следните години што ги дава Законот. Оваа нова мерка годинава за првпат ја тестираме. Тендерот ќе трае 70 дена, по што ќе бидат дистрибуирани зелените картици до корисниците и до средината на годинава ќе се реализира, рече Николовски, нагласувајќи дека средствата се веќе обезбедени.
Од оваа година, посочи, Министерството ќе го спроведе ослободувањето од персонален данок и следниве денови ќе го прецизираме тоа со УЈП.
-Со промените на Законот за ослободувањето од персонален данок, го поместивме лимитот од 300.000 денари на еден милион денари приход. Така што и оваа нова мерка наредниот период ќе им се објаснува на фармерите. Токму затоа постојано ќе бидеме на терен, објасни Николовски.