fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Стопанска комора апелира да се почитува Законот за тутун за да нема проблеми со откупот

Во ланската реколта вишоците од 4.000 тони тутун беа откупени по просечна цена од само 48 денари за килограм.

Стопанската комора препорачува производителите и откупувачите да го почитуваат Законот за тутун и тутунски производи за да се обезбеди оптимален квантитет и квалитет на тутунот и на тој начин да се спречат проблемите што настануваат при откупот, какви што имаше со минатогодишната реколта кога вишоците од 4.000 тони тутун беа откупени по просечна цена од само 48 денари за килограм.

– Сите мора да се држиме до правилата и ако постои Закон сите мора да го почитуваат. Мора да постои баланс помеѓу производителите и откупувачите, бидејќи компаниите се ограничени согласно потребите на светскиот пазар и ги обврзуваат одредени законски прописи. Оптимално производство во земјава согласно светската побарувачка е од 20 до 25.000 тони годишно. Се под тие количини, или, пак, над нив ќе биде проблем за откупувачите и производителите, рече Васко Ристовски од Стопанската комора на  прес-конференција.

Тој нагласи дека и производителите треба да го почитуваат Законот за да нема вишоци и ситуации како со минатогодишната реколта кога просечната откупна цена изнесуваше 158 денари за килограм што е за 25 отсто пониска отколку во 2019 година кога беше 219 денари за килограм.

– Порано имаше Стокови резерви каде се откупуваше вишокот на тутун, но сега такво нешто нема, со што се отежнува решавањето на вишок производство, истакна Ристовски.

Тој посочи дека во земјава мора да има производство според стандарди кои се бараат од откупните компании и додаде дека ако не се почитуваат производство или нема да се откупува или ќе се откупи по ниски цени.

– Потребна е конкурентна продукција и со висок квалитет. Најважен фактор за квалитетен производ се временските прилики и правилната употреба на препорачаните средства за одгледување на тутунот, прецизира Ристовски

Тој информира дека Здружението на производителите на тутун и производи од тутун при Стопанската комора минатата седмица одржа состанок на кој учествуваа претставници од ресорното Министерство и двете асоцијации на тутунопроизводители. Притоа, беа анализирани состојбите со производството и откупот на тутун од реколта 2020 година како и состојбите со претстојната берба од реколта 2021 година.

За реколтата за  2021 година тутун е засаден на 11.784 хектари и се очекува производство од 22.137 тони суров тутун во лист. Склучени се 27.670 договори и регистрирани 18.752 тутунопроизводители. Има намалени количини договорено производство, но, како што велат од Комората, традиционално во земјава има и производители кои не склучуваат договори, а произведуваат тутун. Временските прилики во моментов се добри, но доколку има повеќе дождови ќе има поголемо количество на произведен тутун со послаб квалитет. https://nezavisen.mk/stopanska-komora-apelira-da-se-pochituva-zakonot-za-tutun-za-da-nema-problemi-so-otkupot/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close