Николовски: За развојот на земјоделството, клучна е улогата на владините политики за забрзување на евроинтеграцискиот процес
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, вчера во рамки на Единаесеттиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство од Југоисточна Европа (ЈИЕ), што се одржува во Јахорина, Босна и Херцеговина, имаше свое обраќање пред министерите за земјоделство од ЈИЕ.
Министерскиот состанок е во организација на Владата на Босна и Херцеговина како земја претседавач со Постојаната работна група за регионален рурален развој во земјите од Југоисточна Европа –SWG.
Министерот Николовски истакна дека овој состанок е добра можност да се презентираат идните политики за унапредување на регионалната соработката во областа на земјоделскиот сектор помеѓу земјите од Западен Балкан, како и политиките за забрзување на процесот на приближување на земјите кандидати и потенцијални кандидати од Југоисточна Европа кон Европската унија.
„Во создавањето на едно развиено и конкурентно земјоделство, клучна е улогата на владините политики за забрзување на евроинтеграцискиот процес. Стратешките цели на Владата на РМ, се токму членството во Европската унија и НАТО, за што работиме на интензивна реформска агенда.Врз основа на усвоените закони од областа на земјоделството и руралниот развој, Република Македонија, преку МЗШВ континуирано работи на приближување на земјоделскиот сектор кон европските регулативи.Во процесот на унапредување на земјоделството важна е размената на искуства меѓу земјите од ЈИЕ, а тоа е овозможено преку Постојаната работна група за регионален рурален развој на земјите од ЈИЕ- SWG. Република Македонија како и досега ќе биде конструктувен партнер во сите заеднички идни проекти, како дел од платформата за соработка со земјите од ЈИЕ, насочени кон олеснување на трговијата со земјоделски и прехрамбени производи, истражување и развој, размена на добри практики за одржливо земјоделско производство и примена на нови технологии“, изјави министерот Николовски во своето обраќање.
На состанокот, свои обраќања имаа и министрите од другите земји од ЈИЕ, како и претставниците на меѓународните организации.
Претставниците од меѓународните организации потенцираа дека Западен Балкан ќе биде приоритет во пресрет на програмските планирања на Европската комисија и Обединетите нации, во поглед на развој на земјоделството, борба против климатските промени и спречувањето на миграциите.
Годинава земја претседавач со SWG е Босна и Херцеговина, а следната година претседавач ќе биде Македонија, и овој министерски останок ќе се одржи во Македонија.
Во рамки на Единаесеттиот годишен работен состанок на министрите за земјоделство од ЈИЕ,се планирани и билатерални средби помеѓу министрите, но и средби со претставниците на меѓународните организации, на кои е планирано да се разговара за идните чекори во делот на унапредување на трговската соработка,размената на искуства и реализацијата на проекти од областа на земјоделството.