Ниту за плата од 500 евра – никој не сака да биде овчар
Нема овчари ниту за 500 евра плата. Иако примањата се одлични, никој не сака да седи во планина со месеци и да работи со животни, се жалат нашите сточари. Заради тоа мора да бараат помош во Албанија, каде што ангажираат овчари, но и тие, велат, се постари лица.
Незаинтересираноста на младите да се занимаваат со оваа професија е една од најголемите причини за намалувањето на сточниот фонд во земјата. Оваа состојба трае подолго време и се заканува да го уништи традиционалното одгледување на животни. Сточарите размислуваат да ги симнат овците од планините и да се преориентираат на шталско чување. Тоа во многу случаи ќе значи и крај на традициите за подготовка на бело сирење во мандри, изумирање на старите рецепти и затворање на многу бизниси кои опстојуваат во оваа дејност.
Ивица Софрониевски од гостиварски Бродец е архитект, која работи и во семејната фарма со 2.500 овци. Произведуваат 20 тони сирење и урда годишно, направени според рецепти на стари мајстори од семејството, кои ги продаваат само во директна продажба. Ова сирење ферментира од 3 до 5 месеци, за разлика од индустриското, кое за многу пократок рок може да се најде во продажба.
„Моето семејство има традиција во производство на сирење. Работиме јас и моите браќа, но последните години имаме проблем да обезбедиме помош за чување на овците. Во моментов имаме осум овчари, од кои половината се од Албанија. Не ги мотивира ниту високата плата, не сакаат да работат нечиста работа, ниту пак да седат изолирани во планина“, вели Ивица.
Сепак, квалитетот не му обезбедува и повисока цена, туку, напротив. Затоа Софрониевски смета дека за производителите на традиционална храна треба да се отворат специјализирани продавници во кои ќе можат да ги пласираат своите продукти. Во спротивно им се заканува клуч на врата на традиционалните бизниси.
Излезот, според производителот Игор Поповски, од битолското село Дихово, е во квалитетот и различноста на традиционалните производи. Тој смета дека мора да се нагласи разликата меѓу производите кои се прават од свежо овчо млеко на традиционален начин и индустриските од дехидрирано увезено млеко.
„Што повеќе производи, тоа поголем успех. Јас произведувам биено сирење по стар рецепт, кое е многу различно од индустриското. Тоа е автохтон производ што не смее да се изгуби, бидејќи сличен нема на пазарот. Правам и кашкавал и бели сирења со пиперка и други додатоци. Сметам дека успехот е загарантиран ако се измешаат традицијата и иновативноста, а резултатот е продукт што го нема на пазарот. Се’ продавам во директна продажба, на ресторани и мои клиенти. Цените се повисоки за разлика од маркетите, каде што, пак, главна улога имаат евтините растителни производи“, вели Поповски.
Моме Младеновски, претседател на Здружението на одгледувачи на автохтоната раса овци овчеполка праменка, вели дека мора да се спроведе обука за овчари. Кандидатите ќе треба да поминат по еден месец на фарма, во планина, каде што ќе се запознаат со сите обврски на сточарите. Секако, според Младеновски, ќе треба да се поработи и на инфраструктурата на планинските пасишта кои застанале во минатиот милениум, отсечени се од цивилизацијата, ретко каде има струја, а за придобивките на модерното време и да не зборуваме.
„Селата се запустени, над 400 се без жители или со по два-тројца, а овчарството, од тие причини за 30 години се сведе на една третина“, вели Младеновски.