Полошкиот регион изобилува со голема и квалитетна земјоделска површина. Според проценките, во овој регион има над 19 илјади хектари површина со ниви кои се обработуваат.
Но дали земјоделските производи се одгледуваат на здрав начин, е прашање кои го поставуваат сите од земјоделците до институциите. Како најголем а можеби и единствен е системот за наводнување, каде наместо чиста вода протекуваат отпадни води.
Во полошко постојат два магистрални канали за наводнување. Каналот Здуње – Пирок наменет за нивите од горнополошкиот регион и каналот Радиовце – Бистрица наменет за земјоделската површина од долнополошкиот регион. Двата канали се наменети за над 6000 хектари земјоделска површина. Останатите ниви се наводнуваа од полошките реки и протечни води. Кај сите системи низ годините протекуваат отпадни и индустриски води, но досега никој нема преземено мерки.
Минатата година се формираше Јавно Претпријатие Водостопанство кое управува со целиот систем за наводнување во Македонија. Но, подружницата на ова претпријатие Полог очигледно не може да се справи со проблемот на загадување на нивниот систем за наводнување. Неодамна дури и самата подружница реагираше дека долж магистралниот канал Здуње – Пирок на диво се приклучени одводни фекални системи од индивидуални објекти, а каналот од несовесни граѓани се користи како депонија каде се фрла се и сешто.
-Постојано го чистиме каналот од разновиден отпад, но бадијала пак се фрла во него се и сешто. Најопасно е тоа што на него на диво се приклучени одводни фекални системи, тоа ние како претпријатие не можеме да го спречиме. Затоа постојат инспектори. Мора да се преземе нешто. Затоа што со оваа вода се наводнуваат земјоделските површини, и на крај земјоделските продукти кои морам да кажам дека се наводнуваат и со фекалии завршуваат на македонските трпези, рече Јулијана Николиќ од ЈП Водостопанство подружница Полог.
По реакцијата на Јавното Претпријатие Водостопанство подружница Полог од Општина Гостивар истакнаа дека нивните инспектори ќе излезат на терен, и ќе преземат соодветни мерки. Но и по неколку поминати месеци од подружницата Полог, велат дека никој ништо нема преземено.
-Бадијала пријавуваме. Никој нема преземено ништо. Еве сега е зимски период пак во каналот се фрла се и сешто. Мора постојано да го чистиме, но со отпадните води не можеме да го решиме проблемот. Овој канал не е само за наводнување тој има и друга функција Секундарна цел на каналот е регулирање на површинските води во случај на голем водостој, односно поплави. Но истиот за запушува со разновиден смет и најчесто при поголеми поројни дождови, водата се излева во околните ниви, изјавија од водостопанство Полог.
Слична е состојбата и со другиот канал со кој се наводнуваат нивите од долни Полог. По каналот Радиовце – Бистрица најчесто се испуштаат отпадни води од индустриските капацитети и домаќинства од тетовските села Порој, Џепчиште и Непроштено. Овој канал тие го користат како канализационен систем, чија отпадна вода завршува на нивите претежно од општина Јегуновце.
Ратае е пример за катастрофалната состојба со каналот кој поминува низ ова село. Цело населено место мириса на фекалии од овој канал.
-Ако во минатото оваа вода која поминува низ каналот можевме да ја пиеме, сега не можеме покрај него ни да поминеме. Сме барале од државата да ни го покрие каналот, да не је чуствуваме толку миризбата, но не ни излегле во пресрет. Барем нека го затрупаат не ни треба сред село да ни поминува канализација, велат од месната заедница од Ратае.
Од Јавното Претпријатие Водостопанство подружница Полог, велат дека проблемот со овој канал е ист како со тој на потегот од Здуње до Пирок.Треба инспекциските служби да го решат овој проблем. Но од 1 јануари годинава велат за овој канал ќе се грижи посебна подружница од Тетово при ЈП Водостопанство од која очекуваат да преземе дополнителни мерки за чистење и поголема контрола на овој канал.
Реките и протечните води во полошки загадени, а од нив се наводнува над 60 % од нивите.
Сите отпадни води од Тетово и тетовско завршуваат во Вардар, река од која земјоделците ги наводнуваат нивите. За жал оваа река се користи и како место каде голем број индустриски капацитети ги истураат отпадни води. Такви ги има на пример во село Желино. Тоа може да се утврид и со голо око . Ако пред Желино реката Вардар може да се кажа дека задоволува одредени еколошки критериуми, после ова село каде има фабрики, Вардар добива темно кафеава боја. Но, за ваквото загадување сите институции молчат од општинските до државните инспектори.
Ваквото загадување на реката секој квартал од годината го потврудваат и од Центарот за јавно здравје Тетово.Според нивните анализи, Вардар во горниот тек во тетовско кај мерната станица Радиовце е од втора, а во долниот дел од тетовско кај Јегуновце е од четврта категорија според микробиолошката загаденост. Значи и тука нивите се наводнуваат со фекална вода.
Слична е состојбата со останатие протечни води и реки, како реката Бистрица која сега може да се каже дека е почиста, откако престана да работи фабриката Југохром која ја користеше реката за ослободување на отпадните односно индустриските води.
Од Јавното претпријатие Водостопанство Полог, велат дека во иднина може да се очекува дел од земјоделците да ги наводнуваат нивите со чиста вода, откако ќе се стават во функција системите за наводнување кои работаат на систем со пумпа, а кои сега се во руинирана состојба.
-Изминатиов период сите станици се проверени и се прават анализи и пресметки за нивна реконструцкија и ставање во функција. Тие користат подземни води и така на нивите ќе заврши чиста вода. Но, сепак за оваа вода земјоделците ќе треба да плаќаат поскапо, и немаат тие можност овие системи да ја покријат сета земјоделска површина во полог, затоа е неопходно да се преземат мерки и превентивно да се делува во однос на загадувањето на каналите за наводнување и реките во нашиот регион, ако сакаме на крај на трпезата да имаме здрави земјоделски производи, ни истакнаа од Јавното Претпријатие Водостопанство подружница Полог.
И додека надлежните се глуви на овој проблем и со години па и децениии не го решаваат, владата летово најави изградба на нов систем за наводнување Равен – Речица наменет за над 3000 хектари земјоделска површина во атарите на општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово.
Зоран Димовски