ВестиМакедонија
Ноќта пред Велигден и пред Бајрам без полициски час, најави Филипче
Филипче изјави дека бројките на новодијагностицирани случаи на ковид-19 се намалуваат
Полициски час од 21 до 05 часот, наместо досегашниот од 20 часот, отворање на летните тераси во сите угостителски објекти и работа до 20 или 20.30 часот и дополнително ноќта пред Велигден и пред Рамазан Бајрам без полициски час се новите рестриктивни мерки кои и официјално ги најави министерот за здравство Венко Филипче.
Овие мерки би почнале да се применуваат од среда, ако поминат утре на владина седница и ќе важат до завршување на празниците по што ќе се разговара за нови мерки, во зависност од ситуацијата. Мерките, како што рече Филипче, се препорачани врз основа на актуелната епидемиолошка состојба којашто се следи секојдневно.
Министерот Филипче напиша
-Предлог за нови рестриктивни мерки со почеток од среда, кои предвидуваат да работат само летните тераси на угостителските објекти, а полицискиот час да започне од 21 часот и да трае до 5 часот наутро. За престојните верски празници за Велигден и Рамазан Бајрам да нема ограничувања во движењето, но угостителските објекти да затвораат во 20-20:30 часот.
-Верските лидери земаа обврска црковните служби и молитвите да ги организираат надвор од верските објекти. Ова е состојба во која сите мора да сме исклучително внимателни. Таков начин на организација комбинирана со одговорност на граѓаните ќе не доведе во ситуација да нема прекршување на мерките. Сите со сопствената одговорност, да покажеме дека можеме функционираме и во присуство на вирусот.
-Комплетно се подготвени спортските сали за масовна вакцинација во Охрид и во Штип. Денеска завршува подготовката на салата во Битола, а во Кавадарци, Тетово и Куманово ќе бидат завршени до крајот на оваа недела, по што ќе следува и масовна имунизација со кинеските вакцини кои треба да пристигнат по Велигден.
-Вакцинацијата на територијата на цела држава се одвива без проблем. Во А1 СЦ Борис Трајковски во тек е ревацкинација на првата група вработени во критичната инфраструктура.
-Епидемиолошката крива е во опаѓање и бројот на хоспитализирани пациенти во континуитет се намалува во изминатите денови. Бројката на примени пациенти во ковид центрите во Скопје и низ државата е се помала и се зголемува бројот на испишани пациенти на дневно ниво. Епидемиолошката состојба се смирува, но останува да се почитуваат мерките за заштита.