Нови 20 милиони евра за изградба на системите за наводнување Лисиче и Јужновардарска долина трета фаза

Владата на вчерашната седница донесе одлука за пренамена на средства од Програмата за енергетска ефикасност и обновливи енергии, а кои ќе се искористат за финансирање на проекти од областа на наводнување кои ги спроведува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Станува збор за финансиски средства по основ на доделен заем од Владата на Сојузна Република Германија, односно германската кредитна развојна банка KfW.

Се работи за средства во износ од  20 милиони евра кои МЗШВ ќе ги искористи за реализација на проектите  „Повеќенаменски ХС Лисиче 2 и 3 фаза и Програма за наводнување на јужната вардарска долина фаза 3“.

Овие два проекти од областа на наводнувањето се од исклучително значење за велешкиот и валандовскиот регион. Нивната реализација директно ќе влијае врз зголемување на наводнуваните површини во овие региони и врз подбрување на конкурентноста на земјоделството.

Хидро-системот Лисиче ќе обезбедува вода за пиење за градот Велес и вода за наводнување на околу 5.000 хектари земјоделска површина, техничка вода за потребите на индустријата како и дополнување на акумулацијата “Младост” кој се наоѓа блиску до Велес. Дополнително, системот овозможува и искористување на водниот потенцијал за производство на електрична енергија.

Овој систем за наводнување ќе опфати речиси 85% од населението во регионот, вклучено во земјоделски активности. Со изградбата на системот за наводнување ќе се изврши и поврзување на акумулациите Лисиче и Младост и изградба на мали хидроелектрани. Вкупната инвестиција е околу 28,5 милиони евра.

Програмата за наводнување на Јужната долина на реката Вардар – 3 Фаза го опфаќа регионот на системот за наводнување Валандовско поле, кој се протега од пумпната станица Страиште, потисниот цевковод и дистрибутивната мрежа во атарот на градот Валандово и населените места Раброво и Честево. Површината опфатена со овој систем е со површина од околу 1.750  хектари. Околу 2.000 лица ќе имаат корист од реализацијата на третата фаза од овој систем за наводнување. Вкупната инвестиција за проект е околу 9,5 милиони евра. Инаку, за овој проект за втората фаза во тек е тендерската постапка за избор на најповолен изведувач, која што се очекува да биде завршена до крајот на овој месец, по што ќе започне изградбата на системот за наводнување од Удово до Страиште.


 

mzsv

Share Button