Од 28 јули почнува бербата на боровинките на Пелистер
Од 28 јули почнува бербата на боровинките. Ова е договорено со фирмите откупувачи на боровинки и НП Пелистер. За таа цел сите берачи треба да си извадат легитимација или пак доколку ја имаат да ја обноват маркицата, информираат од НП Пелистер Битола за Зелена берза.
Од јавната устанува НП Пелистер велат дека до 27 јули треба да се јават сите заинтересирани берачи и откупувачи на боровинка, за да може да се легализира и подобро да се организира и собирањето и откупот.
„Сите оние што сакаат берат боровинки потребно е да го регулираат својот статус со вадење на легитимација или доколку ја поседуваат да се обнови маркицата, информира Пеце Цветановски, лице за односи со јавност во НП Пелистер. После ова берачите се должни да ја предадат боровинката на собирните пунктови на фирмите пријавени за откуп, додава Цветановски“.
Годишно од ова овошје само од НП Пелистер се собираат од 130 – 200т. Родот варира, во зависност од тоа каква била годината.
„Оваа година се очекува да бидат собрани околу 150 т боривинка. Исто така променлив е и бројот на берачите и се движи од 150 – 250 берачи. Некогаш ова бројка стигнува и до 300, вели Цветановски. Бројот на берачите варира од година во година. Интересот кај берачите на ова овошје се намалува, додава тој за Зелена берза. Бројот најмногу зависи од цената на боровинката, која се движи од 1,5 – 2 евра за килограм боровинка“.
Од проверката на теренот се забележува дека боровинката е во добра кондиција, и е потребно уште малку време да узрее. Од НП Пелистер ги повикуваат заинтересираните берачи и откупувачи да го запазат договорениот термин за регулирањето на статусите на берачите, а откупувачите да потпишат договор со установата.
Павлина Јовановска
Зелена берза