fbpx
ВестиТоп вести

Од загадена почва не виреат здрави земјоделски производи

Штетните хемикалии што навлегуваат во земјата, индустриската активност и отпадот создаден од човекот предизвикуваат уништување на почвата во Македонија. Од тоа не се поштедени ниту земјоделските површини, но никој досега не направил целосна анализа на нивото на загаденоста, што во случајот со обработливото земјиште би било исклучително важно за утврдување на квалитетот на земјоделските производи.

Според невладините организации „Вила зора“ од Велес и „Еко герила“ од Тетово, кои правеле делумни испитувања на почвата, најдено е два и пол пати повеќе арсен од дозволеното на една нива во близината на фабриката „Југохром“ во Јегуновце. Оттаму велат дека и во многу други градови има големо загадување на земјоделските површини од страна на индустриските капацитети.

Според Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Македонија генерално има повеќе незагадени површини, а тие што се загадени се последица на неинтезивното земјоделско производство, кое бара големо истоштување на земјата, и за возврат мора да се дополнува со вештачки ѓубрива и голема препаратна заштита.

– И поради тоа тие вршат долгогодишна контаминација на почвата, која ја губи класата квалитет. За микрозагадувањата, како што е арсенот во Тетовско, или цинкот и оловото во Велешко, одговорна е долгогодишната индустриска активност, која врши контаминација на помали региони – објаснува Станковски.

Тој додава дека постои и природно покачување на одредени тешки метали во почвата и водата, како и зголемена радиоактивност, за кои е крива природата и кои не влијаат на животот и на околината во кои се случуваат.

– За разлика од кај нас, во високоразвиените држави, каде што постоеше силна индустриска револуција во почетокот на 20 век, загадувањата се многу помасовни и подолготрајни – вели Станковски.

Како што вели тој, во претходните децении кога се користеше гориво, конкретно бензин со додаден антидетонатор (олово тетрахлорид), се вршело големо загадување во појасите околу фреквентните сообраќајници.

– Дури самото вдишување на издувните гасови од автомобилите беше опасно. Со исфрлање на олово тетрахлоридот во атмосферата, по согорувањето во моторот на нашиот автомобил, тој завршуваше во околните ниви каде што преку водата и кореновиот систем на растенијата и нивните плодови, доаѓаше до нашата трпеза. Сега, тој вид загадување е отстранет со воведување на таканаречениот безоловен бензин, кој во себе не содржи опасни додатоци. Сепак некогашното загадување не е целосно елиминирано – истакна Станковски.

Во нашата држава, според него, би можело да се изврши комплетна класификација на земјиштата по категории, со што би се информирале земјоделците, и граѓаните воопшто, за присуството на опасни и недозволени метали и хемикалии во почвата, а со тоа и во земјоделските производи.

– Со ова би се класифицирале земјоделските производи според местото на производство и би добиле поен повеќе кај консументите. Би можела да постои и препорака за површини со приоритет за обработка, но тоа би се случило кога приоритет на Владата би биле граѓаните, нивното здравје и економскиот просперитет на земјоделското – вели Станковски.

Ненад Коциќ од невладината организација „Вила зора“ рече дека имаат цел по направените анализи на почвата, како и на зеленчукот и овошјето што се произведува, да преземат соодветни мерки за чистење на земјата од тешките метали што веќе се присутни, особено со процесот на фиторемедијација односно засевање на критичните земјоделски површини со соодветни растенија, кои ги црпат тешките метали од почвата.

– Тоа што е наша голема забелешка е дека немаме никаква активност од надлежните државни институции за нивно вклучување во овој процес што треба да гарантира дека земјоделските површини во целата држава ќе станат здрави и незагадени од тешки метали што, пак, ќе придонесе за производство на здрава и чиста храна – спомена Коциќ.

Според него, во изминатите пет години било утврдено дека за чистење на кадмиумот во почвата во Велешко како последица од работата на тамошната топилница најделотворна се покажала маслодајната репка. За Тетовско дополнително треба да се прошират анализите и на други места, како и да се одбере соодветното растение што најмногу ќе придонесе во чистењето на почвата од арсен.

Земјоделците велат дека непреземањето мерки само ќе овозможи загадувањето да напредува до онаа точка, кога почвата ќе стане причина за намалување на здравјето на населението и за можни епидемии.


 

novamakedonija

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close