fbpx
Без категорија

Оливер Лозаноски-Земјоделието е сигурна егзистенција во економска криза

Годинава, Лозаноски за прв пат насади тутун на 6 декари земја, како најдобро решение за сигурна егзистенција на неговото семејство во економската криза. Задоволен е и од сработеното и од квалитетот на родот.

Оливер Лозаноски  од Прилеп на свои 42 години реши за прв пат да се занимава со земјоделие, како шанса за егзистенција на своето семејство во услови на корона криза. Тутунопроизводството на земјоделците и на нивните семејства им гарантира постабилна егзистенција во услови на економска криза предизвикана од ситуацијата со Ковид-19, за разлика од неговата досегашна професија како самостоен музичар.

Лозаноски е познат во овој крај, пеел на многу свадби, крштевки и семејни веселби, но поради целокупната ситуација со која се соочија сите негови колеги, тој сврти нова страница од животот и почна да обработува земјата.

Како што многу семејства во Прилепско се занимаваат со производство на тутун, така и Лозаноски, годинава насади тутун или како што самите тутунари знаат да кажат „жолто злато“ на татковите ниви.

-Годинава за прв пат насадив тутун на 6 декари, инаку сум музичар, пејач, ама корона кризата си го донесе своето и мора да се работи, да се опстои, вели Лозаноски во разговор за „Зелена берза“.

-Никој не ми веруваше кога реков дека ќе почнам да садам тутун, имам пријатели кои и сега не можат да поверуваат дека јас се занимавам со земјоделие. Но ситуацијата така налага и јас се зафатив со обработка на нивите, вели нашиот  соговорник додавајќи дека наскоро ќе се регистрира како индивидуален земјоделец, а веќе потпишал договор за откуп на тутунот со „Орбита табак“-Скопје.

-Тутунот во моментов е најисплатлив, неговото производство ми е најсигурно за да дојдам до финансии, со другите земјоделски култури е неизвесно. Дали за земјоделските култури ќе има откуп, по која цена или воопшто не ќе може да се продадат. Еве годинава добро стои пиперот, се откупува, ама не е секоја година така. А, овде во нашиот крај се знае дека тутунот е на прво место, вели овој производител.

Како да се направи расад за тутун, како да се посади и одгледува, Оливер сега учи од неговиот татко Славе седумдесет и три годишен искусен земјоделец.

-Искуството на татко ми, ми  е многу важно за да успеам во целиот процес на производство на тутун. Јас порано помагав, но главната работа беше на плеќите на моите родители. Сега со нивна помош направив расад, го посадив, и стасав да го берам родот. Знаете дека секоја работа ако се работи со љубов носи успех. Битно е дека имав желба да се зафатам со тутунопроизводство, посветив внимание и се оди како што треба, вели Оливер задоволен од постигнатото.

Земјоделието го сплоти семејството

Тутунопроизводство му донесе нови дневни навики на Оливер, ама  и неговото семејство. Ако како музичар не спиел со ноќи, сега станува рано наутро, зошто тоа го бара производството на тутун.

-Со земјоделието конечно најдов време за семејството. Со музиката беше подруго. По цели ноќи на свирки и веселби, легнував и во 6 часот наутро, а сега станувам во 3 часот рано изутрината. До 8 часот наутро сум на нива, и се е сработено за денот. Ми помага и синот, тој е веќе 17 години и се интересира за работата, и самиот вели догодина Господ здравје ќе насадиме двојно повеќе тутун. Исто така повеќе време поминувам и со родителите, зошто и тие ми помагаат, вели Оливер.

Во првата сезона од обработката на тутунот Оливер вели дека е  задоволен од родот. Годинава очекува да собере и да предаде за откуп околу 1500 килограми тутун.

-Имам добар квалитет, и  од првата и втората рака собрана од тутунот. Квалитетот е одличен зошто посветив многу внимание, ако треба нивата и по два- три пати ќе ја изорам се додека не обезбедам најсоодветни услови. Од она што ќе го произведам очекувам да ги покријам трошоците на производство и да ми остане за егзистенција за фамилијата. Не станува збор за добивка која ќе значи комотен живот, ама за основните потреби на семејството средства ќе има, вели Оливер.

Она што на Лозаноски му недостига е земјоделска механизација, годинава успеал нивите да ги сработи со помош од своите пријатели земјоделци, но за следната сезона планира да набави соодветната механизација, најпотребна за производство на тутун.

Анета Блажевска

 

 

 

 

 

 

Слични написи

Back to top button
Close