fbpx
ВестиТоп вести

Општина Конче се бори да не стане  второ Мариово во Источна Македонија

 

Во  централно-источниот дел од Р.Македонија, опкружена со Конечка планина и Смрдешник функционира општината Конче. Типично рурална општина која му пркоси на современиот начин на живот. Со сите маки и проблеми како и можностите што ги има локалната самоуправа на чело со градоначалникот Благој Илиев , општина Конче се бори да не стане второ Мариово во Источна Македонија.

Зелена берза беше во посета на општина Конче каде се запозна со предзивиците што и’  претстојат на локалната самоуправа. Предизвици кои во иднина треба да се  искористат за животот на населението  да не им виси на „конче“. Населението претежно се занимава со земјоделие така што еден од условите за економски развој на општината се бара токму во развојот на земјоделството. Изградбата на откупен центар би им било од голем помош на земјоделците.

„Со цел да им помогнеме на земјоделците, општината сака да им излезе во пресрет со отворање  канцеларија која ќе функционира како советодавно тело со функција за техничка поддршка на самите земјодеци. Искуството покажува дек тие се соочуваат со низа административни проблеми кога треба да поднесат барање за искористување на средства по било која програма, сеедно дали е тоа  ИПАРД програмата, Млад земјоделец, Националана  или друга програма“, изјави Благој Илиев градоначалник на општина Конче.

Општината брои 3 600 жители кои живеат во 7 села, од кои најголемото е с. Конче , каде што е седиштето на локалната самоуправа, а најмалото е Горно Липовик каде има околу 25 семејства. Населението е со мешовит состав, Македонци и Турци . За жал 5 села се веќе раселени и таму не живее никој. Во последните 10 години  бројот на ученици што се школуваат во централното основно  со 5 подрачни училишта е намален за 100.

 

Луѓето се занимаваат претежно со тутун, 90% од нив произведуваат 1 милион кг високо квалитетен тутун. Паралено со тутунот застапено е сточарството, овоштарство (сливи, вишни , лешници), лозарство како и градинарство . По долината на  реката Лакавица  се произведува најквалитетната пиперка  „гамби“ како и ајварката .

Општината има природни услови кои доколку се искористат може да понудат искористување на потенцијалите и создавање   одржлив економски развој. Во таа насока се однесуваат предвидените  проекти што се планираат да се реализираат во идниот период.

„Езерото Мантово нуди потенцијал за развој на туризам. Реализиравме проект  за прекугранична поддршка со општина Ќустендил Бугарија, финасиран од ИПА фондовите . Исто така  имаме аплицирано за подобрување на туристичкиот потенцијал во езеро Мантово, преку Светска банка за подобрување на локалната компетитивност, каде ќе имаме реконструкција на пат и дополнително поставување на урбана опрема.  Сакаме Мантово да го направиме како една комплетна туристичка понуда “, информира градоначалникот Илиев.

 

Во неговите идни планови е и подобрување на патната мрежа. Локалните патишта се добри , што не може да се каже исто и за улиците во населените места, на што ќе се обрне посебно внимание. Поврзувањето со останатите општини исто така е во агендата на Илиев.

„ Сега Конче можеби не е толку далеку,  внатрешно се наоѓа блиску до Штип, Струмица  и Неготино,  до коридорот покрај автопат, ама за жал кога ќе дојдеш до Конче изгледа како да си дошол на  крај на светот,  посочува Илиев . Очекуваме помош од надлежните институции, од Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој, Министерството за земјоделство  како и од Агенцијата за државни патишта,  и од изолирана општина да станеме инфраструктурно поврзана општина со останатите делови во државата“, додава тој.

Општина Конче е опкружена со здрава животна средина и ќе се обидат да работат на тоа поле за што очекуваат поддршка од УНДП.

Иако во близина е езерото Мантово сепак  месното население има проблем со снабдувањето со вода. За таа цел се планира да се направат бушотини со што ќе се реши не само проблемот со вода за пиење туку и со вода за наводнување.

Од локалната самоуправа се свесни дека сето тоа не може да се реализира преку ноќ, но дава надеж фактот дека одделението за урбанизам и локален економски разовј,  има искуство во изработка на проекти така што се очекува 2019 година да биде вистинско градилиште.

Да се подобрат условите за живот на населението, да зајакне економијата во општината и задржување на младите да не ги напуштаат своите родни огништа се приоритетите  на кои работи локалната самоуправа со цел општина Конче да не стане второ Мариово во Источна Македонија.

Павлина Јовановска

Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close