Оревот најзначајна овошка во светот
Оревот најдобро успева во топлите лозарски региони. Релативно добро ги поднесува екстремно ниските зимски температури. Критичните зимски ниски температури се од -29 до -30°С. Доколку овошките доволно подготвени влезат во зимското мирување, можат да поднесат и екстремни минимуми под -30°С.
Оревот (Juglans regia L.) спаѓа во групата на најзначајни овошни видови во светот. Неговата широка примена во исхраната, медицината, прехранбената, дрвната и кожарската индустрија, го прави оревот еден од најзначајните овошни видови. Оревот е хелофитно растение што се потврдува со неговата ретка крошна и релативно слабото разгранување. Недоволната осветленост доведува до оголување на гранките, слабо диференцирање на цветни пупки, а со тоа и до слаба родност со лош квалитет на плодовите. Во однос на температурата, овој овошен вид нема некои посебни барања. Сепак, најдобро успева во топлите лозарски региони. Релативно добро ги поднесува екстремно ниските зимски температури. Критичните зимски ниски температури се од 29 до 30°С.
Оревот припаѓа на фамилијата Juglandaceae. Тој потекнува од источната средоземна област (Балканскиот Полуостров, Иран, Ирак, Мала Азија и Ерменија). Како култура, за прв пат започнува да се одгледува во Кина. На овие простори оревот најпрво започнува да се одгледува од страна на старите Грци од каде што Римјаните го пренесуваат во останатите делови на Европа. Денеска се одгледува во сите умерено топли области.
ПОДИГНУВАЊЕ НА НАСАДИ
Комерцијалните насади можат да се подигнат на повеќе начини од кои најчести се:
-со калемени садници (сорти и се лекции);
-со некалемени садници (сеанци)
-со садење на семе на постојано место, со и без калемење.
Вториот и третиот начин немаат карактеристики на современо овоштарско производство на оваа култура. Иако во Македонија постојат поволни услови за интензивно производство, речиси не постојат современи насади од оваа овошна култура.
Изборот на сортата и подлогата имаат круцијално значење при подигнувањето на новиот насад. Најчести подлоги се семенци од домашниот орев и црниот орев (Juglans nigra ) и хибридот помеѓу домашниот и црниот орев, „парадокс”. Последната подлога е најшироко употребувана во водечките земји со интензивно производство на овој овошен вид. Растојанието на садење во голема мера зависи од системот на одгледување и применетата агротехника на насадот. Најчести растојанија на садење на овошките се 9 х 9 m; 8 х 8 m, а во поново време во интензивните насади и 8 х 6 m. За систем на одгледување се препорачуваат: подобрена пирамидална круна, ваза и подобрена „лидерна” круна.
Од периодот на садење, па се до стапување во полна родност, резидбата треба да биде насочена кон формирање на круната. Резидбата во фазата на родноста треба да биде минимална и со цел на спречување на алтернативната родност. Техниката на резидба се состои од отстранување на гранките кои се вкрстуваат и оние кои вршат засенчување. Со резидбата се отстрануваат водопиите, оштетените, заболените и исушените гранки.
Младите насади најчесто имаат потреба од ѓубрење со азот. Количеството азот во првата година изнесува околу 100 грама по овошка, а секоја следна, заклучно со петтата година, количеството двојно се зголемува. За постигнување на редовни, високи и квалитетни приноси, нормите на основните хранливи елементи за ѓубрење на еден хектар треба да бидат: 120-140 kg азот, 50-70 kg фосфор и 180-200 kg калиум.
Во однос на останатите континентални овошни видови, оревот го напаѓаат релативно помал број болести и штетници. Редовната заштита на растенијата ќе овозможи редовно, сигурно и квалитетно плодоносење. Меѓу поважните болести што го напаѓаат овој овошен вид се: пегавоста на листот (Gnomonia leptostyla), црната пегавост (Xanthomonas juglandis), антракнозата (Gnomonia leptophyla) и дамкавоста на листот, ластарот и плодот (Marssonina juglandis). Од штетниците позначајни се: штитестите вошки (Pseudolacaspis pentagona и Lepidosphes ulmi), лисните вошки (Callaphis juglandis), ореовиот смотавец (Carpocapsa amplana) и ореовата гриња (Eriophyes tristiatus).
Валентина Соколовска
за Зелена берза