fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Оризопроизводителите со писмо до Трајан Димковски, заменик министер за земјоделие

Владата да направи усилба за итна и целосна исплата на субвенциите на оризопроизводителите, кои земјоделците ќе можат да ги стават во функција на тековните потреби и обврски. (исплатата да се изврши до крајот на месец декември, согласно договорот од претходните разговори)

ДО Г-дин Трајан Димковски

Заменик министер за ЗШВ

Почитуван Г-дин заменик Министер,

Ви се обраќаме, со надеж дека и покрај Вашиот севкупен ангажман ќе најдете време итно и соодветно да реагирате, на начин кој ќе обезбеди позитивни решенија за земјоделците-оризопроизводители, кои се во многу тешка состојба и буквално се соочуваат со проблемот како да опстојат. Ваквите сериозни финансиски тешкотии и проблеми со ликвидноста на земјоделците, се резултат на последователни лоши откупни политики, при што откупните цени не ги покриваат ниту производните трошоци, со што се затвараат перспективите на примарните производители и предизвикуваат оправдан револт. Институционалната исклученост на претставници на индивидуалните земјоделци (од комисии, управни одбори, и други групации и тела во кои се предлагаат и креират земјоделските политики), оневозможува да се слушнат нивните ставови, идеи, проблеми и интереси. Од тука произлегува денешната реалност и вистина, дека земјоделците станаа социјално најранлива група, егзистенционално засегнати и без можност да ги сервисираат заостанатите и тековни обврски. Последиците од ваквите политики најдобро се видливи преку преполовените обработливи површини и масовното иселување на младата популација од селата. Заради надминување на ваквите состојби во земјоделието, се наметнува потребата од сериозен приод, план и програма, но и итно донесување пеќет-мерки, кои на извесен начин би претставувале бај-пас решенија, значајни во насока на премостување, заздравување и опстој на македонското земјоделие.

Од тука, Самостојниот Синдикат на индивидуални земјоделски производители на Македонија (како прва граѓанска организација за заштита на правата и интересите на земјоделците од 1990 година), ќе го цени, подржува и почитува секој чекор во насока на создавање позитивен амбиент и јасно дефинирани позиции. Во таа смисла, а раководејќи се исклучиво од интересите на земјоделците, бараме итна средба и разговори со вас, заради усвојување на наведените барања, кои најдиректно ќе обезбедат позитивен и функционален опстој на земјоделците.

Б А Р А Њ А

1. Владата да направи усилба за итна и целосна исплата на субвенциите на оризопроизводителите, кои земјоделците ќе можат да ги стават во функција на тековните потреби и обврски. (исплатата да се изврши до крајот на месец декември, согласно договорот од претходните разговори)

2. Имајки го во вид фактот дека откупните цени на оризот се пониски од производните трошоци, Владата да го отфрли предлогот на министерот за економија, со кој ќе се “замрзнат“ малопродажните цени на оризот.

3. Итно утврдување на откупни цени на оризовата арпа во опсег од 25 – 30 денари за килограм, а на белиот ориз од 55 – 60 денари. Овие цени би била реални во однос на вложените производни трошоци, но и во однос на берзанските цени во Италија, кои се движат од 410 до 575 евра по тон за оризовата арпа, како и од 1050 до 1.550 евра по тон за белиот ориз ( податоците се од 30.11.2021 и можете да ги проверите на следниот линк : https://drive.google.com/drive/folders/18C9MOkqavMUmIyFzJc8BZ9-AWQbLEap2

4. Да се изврши измена на Предлог-законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од пандемијата со КОВИД-19 врз производството и откупот на земјоделски производи, кој Владата го донесе на 30.11.2021 г. на 122-рата седница, со цел да бидат опфатени сите оризопроизводители кои го предале производството кај регистриран откупувач како оризова арпа, но и оние кои ја преработиле оризовата арпа кај регистриран откупувач и истата ја предале како бел ориз.

5. Да се обезбеди целосно почитување на Чл.31, 32 и 33, 34 и 35 од Законот за земјоделство и рурален развој, кои го дефинират начинот и откупот на земјоделски производи.

6. Заради ублажување на последиците од Ковид пандемијата, Владата на РМ да донесе:  Одлука за бришење на каматите на заостанатите и тековни обврски на земјоделците кон; Фондот за здравствено осигурување и Фондот за пензиско осигурување и репрограмирање на истите (одложено плаќање во наредните 24 месеци)  Одлука за ослободување на земјоделците од аконтативно плаќање на персоналниот данок(при откупот), како и ослободување од т.н. прогресивно оданочување.  Одлука за ослободување на земјоделците од плаќање закупнина на државно земјоделско земјиште за 2021 година.

7. Да им се достават не искористените картичките за зелена нафта на сите земјоделци на кои од необјасниви причини не им биле доставени.

Самостоен синдикат на индивидуални земјоделски производители на Македонија

Ставре Јанев

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close