fbpx
Вести

Откупот на сливите минимален, ефект од субвенциите нема да има, велат производителите

Залудни ќе бидат трите денари субвенција за сливите ако нема откуп и ако родот остане на нивите, реагираат денеска производителите од Делчевско откако Министерството за земјоделство вчера ја соопшти интервентата мерка за надминување на проблемот со откупот.

Во овој регион, нагласуваат, околу 4.000 тони сливи моментно чекаат пласман.

Овоштарите од Радовишко сметаат дека има две причини за слабиот откуп – едната и можеби клучна, велат, е големиот род кој за околу 30 отсто го надминува ланскиот, а втората е тактизирањето на откупувачите кои ја чекаат доплатата од државата. Тие и натаму бараат пет денари за килограм обесштетување зашто скоро 50 отсто од родот веќе испопаднал од дрвата и е на нивите. Само така, оценуваат, би ги покриле трошоците. Воедно предупредуваат дека уште максимум десетина дена остануваат за откуп.

Во Македонија, покрај помалите овоштари со по 15 тони сливи, има и такви чиј род годинава достигнал 150 – 300 тони. Тие на државата и платиле кирија зашто работат на државно земјиште, а имаат вересии во земјоделските аптеки и на бензински пумпи за гориво, кои допрва треба да ги подмират.

– Само во Радовишко  има околу четири до пет милиони килограми слива. Сливата годинава роди секаде,  и во Србија и во Бугарија и тоа е можеби главниот проблем. Вториот проблем е тактизирањето на откупувачите кои чекаат доплата од Владата. Ние остануваме на барањето да  ни се процени дека на еден декар има по три тони сливи иако, реално, има многу повеќе. Но, ете, прифаќаме проценка на три тони за да спасиме што можеме, изјави за МИА Станко Манчевски, производител од Радовишко.

Според него, многу слабо се откупува, речиси воопшто. Се земаат мали, незначителни кокичини и тоа во вреќа или во гајби за во вреќа, а цената е пет денари за килограм за разлика од лани кога достигна 22 – 25 денари.

– Наместо на пет пукнта на кои би теребало да се врши откуп, работат само два и таму се преземаат по еден или два шлепера дневно што се околу 40 тони сливи. Кантарни белешки се даваат, точно е тоа, но откупот е многу мал и тука е всушност манипулацијата, истакнува Манчевски.

Негова оценка е дека некој го лаже министерот. – Началникот на Подрачната единица во Радовиш откупува сливи и тој си ја брани неговата страна. Му дава лажни податоци на Љупчо Николовски. Исто така, се надевам дека е несреќна изјавата на министерот дека за еден хектар сме барале 150.000 денари. Знае ли тој што значи да се произведат еден хектар сливи? Седум заштитни прскања по 3.000 денари само пестициди, а каде е орањето, кроењето, наводнувањето, работната рака за берба? Мора да се ангажираат аргати за по 1.000 – 1.500 денари на сен, плус јадење уште најмалку 1.000 денари, а четвроица аргати берат максимум два до 2,5 тона, објаснува Манчевски.

И производителот Славчо Десподов од Делчевско потврдува дека основниот проблем е што нема откупувач. Поради тоа е доведен во прашање и ефектот од трите денари субвенции.

– Уште нема официјална понуда од кој било откупувач за цената, а и откупот се уште не е почнат. И да биде осум или 10 денари вкупниот износ на поддршката, пак ќе биде залудна ако не се појават откупувачи кои ќе го земат родот од нивите. На терен, освен поединци кои по некои стари канали ќе најдат начин да ја пласираат сливата, се уште не е почнат откупот на слива. Иако слушнавме од медиумите дека одредени комбинати ќе откупуваат, засега немаме информација колку ќе откупат и по која цена. Претходните години откупувачи доаѓаа од цела Македонија па и Бугарија, но оваа година никој од нив не се појави, нагласува  Десподов.

Агрономот Раде Манасиевски вели дека квалитетот на сливата е одличен, а производството големо. Родот не смее да остане на нивите зашто може да заболи од „монилија“, а тоа ќе предизвика проблем за наредното производство.

– Имаме огромно производство оваа година за разлика од претходните години кога поради мраз земјоделците трпеа загуби. Сега сливата е со одличен квалитет и со солидна шеќерна единица во својот состав. Проблем е што од преголемиот род, овошните дрвца ќе се скршат и овоштарите ќе претрпат уште поголеми штети. Да не зборуваме за болеста монилија што се јавува ако сливата остане на нивата. Во тој случај, овоштарите ќе имаат проблем за наредното производство, објаснува Манасиевски.

Министерството за земјоделство вчера соопшти дека по два денара поддршка за килограм сливи ќе добијат регистрираните откупувачи и трговци со цел стабилизирање на откупот.

Според МЗШВ, во моментов над 20 компании откупуваат сливи, а уцена е барањето на некои земјоделци производителите да добијат по пет денари за килограм за 30.000 килограми на хектар.

–  Не го оправдуваме барањето за исплата на пет денари за килограм слива на стебло. Земјоделците бараат за секој хектар пријавена површина да им се исплатат по 150.000 денари без производителот да ја набере или достави сливата кај откупувачот, децидно е МЗШВ.

Овоштарите од Делчево вчера излегоа на мирен протест. Рекоа дека ќе ја прифатат откупната цена од максимум пет денари иако е ниска, само за да не пропадне родот кој поради топлото време веќе почнува да се расипува.

 


 

kurir.mk

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close