вестиМакедонијаТоп вести

Овоштарите  од Преспа се загрижени за сезонски работници за претстојната берба на јаболката

Поради кризата со  вирусото Ковид 19 овоштарите од Преспа загрижени се за претстојната берба на јаболка. Се плашат дека нема да можат да најдат сезонски работници.

Корона кризата за сега не им предизвикува  проблеми на овоштарите  во Преспанскиот регион. Во овој период овоштарите извршуваа индивидуални активности по овоштарниците и немаат меѓусебни контакти. Сепак се плашат дека  кризата ќе се почувствува  за време на бербата  на јаболката кога имаат поголема потреба од сезонски работници.

Фросина Ѓоргиевска

„Во моментов не чувствуваме некои последици од корона кризата. Сите овоштари извршуваат индивидуално свои активности на насадите и нема меѓу нас контакти. Ќе видиме како ќе биде за време на бербата. Секоја година се соочуваме со недостиг на работна рака, но некако се снаоѓавме. Како ќе биде оваа сезона не знаеме. Вообичаено најмногу  сезонци доаѓаат од  соседна Албанија, но како ќе биде дали границите ќе бидат отворени не знам ќе видиме. Во моментов се врши берба на цреши во овој регион и овоштарите го чувствуваат најмногу овој проблем, недостигот на сезонски работници. Порано трговците сами си носеа работници за берба, но оваа сезона нема, така што бербата оди потешко, вели за Зелена берза Фросина Ѓоргиевска сопственик на овошен насад од Ресен.

Овоштарите се загрижени затоа што болеста предизвикана со вирусот Ковид 19 ја има и во Преспанскиот регион. Заради сите оние протоколи за заштита загрижени се како ќе вршат бербата. Додека размислуваат како ќе биде организирана бербата во моментот загрижени се и за родот кој значително е намален заради временските  неприлики.

„Имаме послаб род од лани. Пролетните мразеви направија голема штета на овошките. Дополнителна штета предизвика невремето  со дожд и град што ги зафати селата во горна Преспа, кон Јанковец, Златари, Кривени, Избиште. Како ќе биде крајниот резултат, останува да видиме“, рече Фросина Ѓоргиевска.

Во Преспанскиот регион населението претежно  егзистира од овоштарството. Овошните насади застапени се на површина од 4 500 ха земјоделска површина и од нив опстануваат над 2 200 семејства.

П.Јовановска

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close