fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаРурален туризамТоп вести

Ванчо Младенов-сточарството ми е аманет од дедо ми

Драгоево е село во Лакавичкиот реон сместено под падините на Серта. Пасиштата се природен потенцијал за органско сточарење, но се уште недоволно искористени.

„Ако не садиш тутун и не чуваш стока оди си од селото“, ова се зборовите кои во аманет му ги оставил дедото на Ванчо Младенов, сточар во селото Драгоево, Штипско. Тој секој ден оди во селото каде пораснал, а живее во градот. Сее по некоја нива со жито, а чува и четири крави. И по толку години  Младенов сам се прашува – Што ќе речеше дедо ми да можеше сега да го види неговото село? Дали ќе имаше одговори- зошто животот не е како порано. Каде заминаа луѓето, аргатите по нивите, каде се низите тутун, жетварските песни, добитокот од ридовите…Зошто на поилата и во трлата има се помалку добиток?

Младенов  го сретнавме на патот среде селото. Го чекаше комбето да го предаде млекото. Молзи до 40 литри млеко во денот кое му го откупува  кочанска млекарница. Тежок е животот на село вели тој, но мора нешто да се работи.

-Нема млади сточари веројатно ние неколкумина што останавме сме последна генерација што сточари во селото. Кога не ќе можеме и ние, не знам кој ќе остане да чува добиток  во селото, се пожали  Младенов.

Селото се запустило  останале уште педесетина луѓе. Младите заминале на работа во градот, а други уште подалеку во странство. Во селото, според неговото кажување  само едно семејство сади тутун, порано лажеле дека садат за субвенции, сега и тоа го баталиле. Покажувајќи кон селото Младенов се жали дека нема нови куќи во селото, освен една за која како што вели – германска е.  Раскажа дека домаќинот работел во странство се вратил да ја направи куќата и пак заминал.

Гледајќи во празните селски сокаци Младенов со носталгија вели дека селото не може да се живее зошто нема деца, училиште, ниту продавница. Сепак, за него е среќа што го асфалтирале патот и не газат во кал како порано.

Ицо Николов чува 400 овци и го прави највкусното овчо сирење

Драгоево е село во Лакавичкиот реон сместено под падините на Серта. Пасиштата се природен потенцијал за органско сточарење, но се уште недоволно искористени. Сточарите ги продаваат стадата, постојано се намалува сточниот фонд.

-Порано имаше 1.800 овци во Драгоево. Сега сме тројца овчари, вели сточарот Ицо Николов чие стадо брои 400 овци. Николов и покрај негативниот тренд сака да го зголеми стадото. Затоа направил големо бачило.

-Желба ми е да дојдам до 500 овци и да ги чувам само една година, тогаш ќе ми биде ќефот, вели нашиот сточар.

Тој е органски производител. Го прави највкусното сирење во овој регион. Продава до 300 канти сирење во годината, а вели дека кога би имал би продал уште толку.

-Нема тајна за вкусот, се е во квалитетот на  млекото температурата и мајата, ако се излади ќе го подгрееш, вели Николов кој занаетот го учел од старите мајстори работејќи во мандрите на овчарските задруги на Шара и Маврово.

-Дваесет години правев сирење, а потоа одлучив да почнам и сам да правам. Купив педесет овци и дојдов до тука, вели Николов кој сака да направи и мала млекарница.

-Продавам во канти, го земаат од дома, а трговци го бараат вакумирано. Потребни се машини и луѓе за работа, а во ова време тешко  да се најдат. Тешко е да се брендираш, една година за еден потпис изгубив многу пари. Брендирањето е потешка постапка, вели Николов.

За одгледувањето на овците, покрај што има ангажирано овчар му помага и неговата сопруга.

-Снеже ќе оди во пензија за некоја година дали потоа ќе сака да работи, не знам, дали и јас ќе можам  да работам и како и кој понатаму ќе се грижи за стадото?, гласно се прашува сточарот.

Две од неговите трите ќерки се во странство, а најмалата е со нив и работи во градот. Признава дека чувањето овци е тешко и дека понекогаш му снемува сила, но работата се уште не му се остава.

-Тешко е со раце да молзиш 400 овци. Знаеш млекото не чека, мора да се прави. Во овчарството требаат млади луѓе, а кој сака да научи од мене како се прави сирење нека повели, вели Николов, истакнувајќи дека секој кој сака да го научи занаетот ќе го научи за два дена само да има желба. Тој се надева дека ќе се исполни и неговата желба да го зголеми стадото и дека сточарењето ќе остане традиција во неговото семејство.

Јулија Малинова

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close