fbpx
ВестиТоп вести

Овоштарите загрижени за пласманот на праскитe

 

На самиот старт од бербата на праските и кајсиите овоштарите се загрижени за нивниот пласман.

Укинувањето  на одредбата за забрана на извоз на праски и нектарини од нашата држава во Руската Федерација  не им влева надеж дека ќе имаат сигурен пласман на праските . Секоја пратка на овошје ќе треба да биде  пратена со документи за веродоостојни лабораториски анализи издадени од македонската Државна фитосанитарна лабораторија  со акредитирани методи со кои ќе се гарантира дека нема присуство на габата Monilinia fructicola (Winter) Honey. Сметаат дека самата процедура  би ја оддолжила целата работа за што не се во можност да ги чуваат праските, за што постои опасност да се расипат.

 

-Секој ден одам во Росоман. Откуп нема. Ги оставам праските во ладњача. Цена не се знае. Има нова процедура праските да се носат на анализа. Како ќе се одвива сето тоа не ни е јасно, а треба за секоја пратка да се плаќа за анализа , вели Стојче Ангеловски, овоштар од Градско.

 

-Годинава родот е многу добар. Во моментов ја бериме кајсијата и нешто од праските. Нема заинтересирани откупувачи. Цената е многу ниска и се движи околу 20 ден/кг. Тоа е многу малку. Откупувачите тактизираат, нема откуп, вели Боро Ангеловски, овоштар.

Проблемот со откупот бил најголема причина  што голем дел од површините засадени со праски, а кои биле во добра кондиција, ги исекол.

Слична е судбината и на останатите овоштари од овој регион. Овоштарите се загрижени да не им се повтори ланската судбина. Приватни дилери од Русија им ја зеле праската, но не им ја платиле

-Немаме доверба. Моментално состојбата е „статус кво“. Откупувачите нека депонираат гаранција, дека ќе ни платат, во нашите банки, а не да ни ја земат робата и да си заминат, и да не платат, додава Ангеловски.

Додава дека трговците го берат кајмакот бидејќи почетната цена на кајсиите е 20 ден, а во маркетите стигнува до 60ден/кг, цена што не им одговара ниту на потрошувачите.

Како ќе се одвива откупот на праските и кајсиите не знаат  до крај ниту откупувачите.

Во  откупниот центар Агрозимак  велат дека немаат почнато со откуп со индивидуални земјоделци.

-Откупот со физички лица не е почнат. Ќе почне за 10 дена, вели  Златко Миладиновски сопственик на Агрозимак.

 

Околу самата процедура за лабораториската анализа на овошјето не се добро запознаени и производителите и откупувачите. За неколку дена ќе стигне и најквалитетната праска велат овоштарите. Цената не се знае, а проблем е и недостигот  на ладилници каде ќе се чува праската додека се завршат сите потребни административни процедури. Овоштарите стравуваат да не и се расипе робата.

П.Ј.

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close