fbpx
ВестиТоп вести

Пчеларењето не е само производство на мед

Пчеларењето во земјава е генерално сведено на произведување мед. Ретко кој нуди полен, матичен млеч, прополис, восок, пчелин отров, оцет, креми,… Уште поретко може да се најде мед комбиниран со семки, со афион или, на пример, со јаткасти плодови.

Според одгледувачите на пчели, диверзификацијата и можностите што ги нуди пчеларството не се искористени. Палетата пчелни производи треба да се прошири, треба да се фокусираме на производи со додадена вредност, да се интензивира едукацијата и да се вложи во технологија за да се извлече максимум од оваа гранка.

– Кај нас пчеларството е сведено на производство на мед. Затоа доаѓа и до разочарување на некои пчелари ако евентуално сезоната потфрли. Во такви ситуации, веднаш велат дека пчеларството не е рентабилно. Но, со мала инвестиција и поголемо вложување во едукација и знаење, може да се насочат и кон другите пчелни производи. На тој начин ќе се зголеми и профитабилноста зашто пчеларењето не е само медот, вели Горан Алексовски, пчелар од Скопско и претседател на здружението „Македонска пчела – Негорци“ („MacBee“).

Нацо Јовчевски, пчелар од Дихово и исто така член на „MacBee“, нагласува дека од пчелите се добиваат шест производи: мед, млеч, полен, прополис, восок и пчелин отров. Но, засега, многу е мал бројот на такви пчелари, кои производуваат од сите овие производи.

Ако си професионален пчелар, ќе гледаш да правиш барем 80 отсто од овие производи. Засега такви пчелари кај нас има многу малку. Всушност, тој што е професионален пчелар, става акцент на сите овие производи, не само на медот. Јас конкретно, произведувам смеса од мед, млеч, полен и прополис, правам мед со таан, мед со афионово семе, ракија со мед и прополис. Сите овие производи се бараат и без проблем ги продавам. Тоа значи дека и при евентуално лоша година за медот, како лани, мене призводството ми е рентабилно, можам да се покријам, да компензирам, објаснува Јовчевски.

Македонскиот мед квалитетен, „дивите“ продавачи и климатските промени најголем проблем

И Алексовски и Јовчевски се согласни дека имаме мед со извонреден квалитет и тоа на целата територија на државата, без разлика дали се работи за полифлорен или монофлорен. Сепак, продолжуваат да „висат“ веќе добро познатите проблеми. Најмногу оној со „дивите“ продавачи и препакувачите на мед. Од друга страна се климатските промени како една од најголемите закани за пчеларството.

– И натаму голем проблем за пчеларите се дивите продавачи на мед. Фалсификаторите. Поголем дел од нивниот мед е увозен, а се носи најчесто од источно-европските држави, од Молдавија. Не би кажувал колку е квалитетен. Слично како за оној во маркетите. Многу мал дел е од домашно производство. Пакувачите користат разни маркетиншки трикови па на етикетата ставаат: „медена роса“, „гроздов мед“, „боров мед“ – имиња што алудираат, но се многу далеку од мед. Ако внимателно се прочита декларацијата јасно се гледа дека се работи за гликозен сиуруп. Медот е производ на пчелата и толку. Затоа, уште еднаш би кажал, да не се купува мед од секаде, туку од проверен и докажан пчелар, вели престедателот на „MacBee“ и уште еднаш потсетува на синтагмата – како што секој има матичен лекар, треба да има и свој пчелар.

Јовчевски дополнува дека кога луѓето ќе стекнат доверба кај некој пчелар и се задоволни од произвдите, могу ретко бараат друг.

Да се форсира одгледувањето на домашната македонска автохтона пчела

Без дилема, двајцата тврдат дека најдобар начин за справување со климатските промени е одгледувањето на нашата автохтона медоносна пчела. Во оваа насока, укажуваат, неопходна е едукација. Посебно недостигаат квалитетни предавачи.

– По фалсификаторите на мед, наш голем предизвик се климатските промени. Веќе не важат старите правила и техонологии од пред 30-40 години. Тие треба да се пренаменат, да се модифицраат. Се соочуваме со ладна пролет, а зимите се поблаги од порано. Пчелите почнуваат со развој порано, но бидејќи потоа е постудено, на пролет, стагнираат во развојот. Се пореметува физиолошкиот циклус на пчелата, но и на растенијата. Доаѓа до разидување. Не се совпаѓа развојот на пчелното семејство со фазата на цветање на одредена флора од која треба да се храни и да носи мед. Ако, на пример, багремот порано цветал во одреден период, а пчелите биле прилагодени тогаш да ја искористат таа паша, сега врската е прекината, не постои конекцијата меѓу пчелата и флората. Затоа пчеларите треба да се трудат да менаџираат со пчелните семејства, да бидат подготвени за собирање нектар од пашата кога таа цвета и да се вклучат во засадување медоносни растенија чие цветање би се совпаднало со развојот на пчелното семејство. Во краен случај и да ги селат пчелните семејства. Како и да е, во однос на климатските промени најдобро е да ја одгледуваме автохтоната македонска медоносна пчела зашто е аклиматизирана, најдбро прилагодена на овие простори, истакнува Горан.

Постарите пчелари, се надоврзува Нацо, пред 15 – 20 години без селење на пчелите ваделе по 20 килограми мед од сандак, без никаков проблем, а сега, зависно од сезоната, прашање е дали стигнуваат и до десет.

-Обично, на три години еднаш се погодува добра сеозна. Другите, просечно, се под 10 килограми производство, вели Јовчевски.

Интерес за пчеларење има, посебно кај младите

Последните пет – шест години пчеларството „живна“. Има многу млади луѓе кои покажуваат интерес за одгледување пчели. Традицијата продолжува.

Порано, според Нацо, со пчеларње главно се занимаваа повозрасните и оние што одеа во пензија. Им беше како хоби, занимација. На голем процент и сега им е дополнителна дејност. Малку се оние што исклучиво од тоа живеат. Но, како што додава Горан, слабо оди соработката меѓу пчеларите. Здружени се, едни во Пчеларската федерација, други во Сојузот на пчеларски здруженија. Комуникација речиси нема. Затоа можеби секторот побавно бележи прогрес.

– Неодамна бев вклучен во проект за обука на 15 нови млади пчелари. Интересно е што повеќето беа жени. Мои колеги, пак, беа дел од сличен таков проект во Кавадаречко. Исто, за млади невработени лица заинтересирани за органско пчеларство. Тоа покажува дека интерес за пчеларење постои, особено кај младите, нагласува Алексовски.

Сезонава солидна, медот квалитетен, произведени над 20 килограми по кошничка

Тој и Јовчевски се задоволни од годинашната сезона. Проценуваат дека приносите во некои региони ќе надминат 20 килограми мед по кошничка.

Горан во скопскиот регион успеал да произведе околу 15 килограми по кошничка. Веќе и ги продал количините. Нацо достигнал 20 килограми по кошничка. И неговиот мед е веќе капарисан.

И во Светиниколско и во Кумановско пчеларите извадиле по над 20 килограми мед од кочничка.

-Оваа пчеларска сезона беше солидна во однос на приносите. Со оглед на тоа како лошо почна годината, треба да бидеме задоволни. Можеби има помалку мед во гевгелиско-валандовскиот регион и таму приносите не се толку задоволителни, но во скопскиот, кумановскиот и струмичкиот се, вели Алексовски.

Нашите пчелари се уште не можат да ги задоволат потребите на домашниот пазар поради што големи количини мед се увезуваат и се продаваат по маркетите. На потрошувачите е да одлучат дали ќе купуваат увезен или домашен мед. Цената на домашниот мед кој се продава локално, е од 350 до 600 денари зависно од регионот. Варира и цената на медот во маркетите.

Според последните статистички податоци, во земјава се евидентирани над 4.135 пчелари и деловни субјекти кои одгледуваат 73.960 пчелни семејства или 2,8 кошници на квадратен километар, а годишно се произведуваат 688.000 килограми мед или околу девет килограмиг мед по кошница, што е индикатор дека расположливите потенцијали за пчеларење не се доволно искористени.

Македонскиот граѓанин троши само 0,5 килограми мед годишно во споредба со жителите на Словенија или Грција кои трошат 1,2, односно 1,6 килограми годишно по глава на жител.

Интересни се и податоците за смртноста на пчелите. Кај нас, но само преку зима, како што наведува Здружението за истражување на пчелите – COLOSS (кое секоја година врши анкети и мониторинг на смртноста на пчелните семејства во текот на зимата во многу земји од светот, вклучувајќи ја и нашата), загубите на пчелни семејства во текот на зимата 2017/2018 изнесуваат 13,2 отсто кај анкетирани четири проценти од македонските одгледувачи на пчели. Во однос на минатата зима 2016/2017, забележано е угинување од 22,5 проценти кај анкеитрани 11 отсто одгледувачи на пчели.

– Ако се знае дека смртноста на пчелите во зимата 2017/18 во Португалија изнесува 33 отсто, процентот на загубите на пчелни семејства во Македонија од 13,2 проценти и не е така застрашувачки, но сепак треба да ги зголеми будноста и ангажираноста на македонските пчелари во иднина да ги елиминираат и сведат на минимум причините кои влијаат на смртноста на пчелите (зазимување со млада матица, примена на добра пчеларска пракса, зазимување на доволна и квалитетна количина на мед,…, објаснува Алексовски.


 

sitel.com

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close