fbpx
ВестиТоп вести

Пченката носи двојно повеќе ќар од пченицата, препорачува земјоделецот Јосиф Барашлиевски

автор „Зелена берза“

 

Нивите во атарот на селото Лажец се повеќе се садат со пченка, наместо како што се практикуваше со години наназат да бидат засеани со пченица. Пченката и за зрно и за силажа  зазема се поголем простор од земјоделските површини покрај македонско-грчката граница , кои се простираат на неколку илјади хектари, и тоа е со причина, зошто земјоделците во оваа култура гледаат поголема добивка. Ова е ставот на искусниот земјоделец од селото Лажец, Јосиф Барашлиевски (57) години, кој целосно е посветен на земјоделието и одгледувањето  крави.

Барашлиевски во разговор за „Зелена берза“ вели дека во последните години според неговото искуство констатирал дека производството на пченка е поисплатливо, дотолку повеќе што на иста површина добива  двојно поголеми  приноси, отколку кога сеел жито.

Семејството на Барашлиевски вкупно обработува 25 хектари земјоделско земјиште, а годинава под пченка засадило 6 хектари.

-Од искуство гледаме дека пченката е поисплатлива, па со текот на годините садиме на се поголеми површини. Од пченката имаме поголеми приноси и тоа двојно повеќе на истите површини во споредба со пченицата. Затоа се одлучив и годинава да засадам пченка и за зрно и за силажа. Тоа е причината и што се поголем број на земјоделци од селото Лажец  се определуваат за садење на пченка, вели земјоделецот додавајќи дека и откупната цена на пченката е повисока за околу два денари од цената на житото.

Годинава нивите од вкупно десет хектари засеани со пченица на Барашлиевски им донеле 30 тони род,  но поради влажноста предизвикана од дождовите  не е задоволен ни од квалитетот, ниту пак од откупот и цените.

Ова земјоделско семејство има и фарма  со 26 грла добиток од кои 14 се молзни крави, останатите телиња и јунци. Дневно во Битолската млекарница предава по 150 литри млеко, за 19 денари од килограм. Едно забележува, државата што поскоро да им ги исплати субвенциите за предаденото млеко, зошто сточарите не зеле пари од мај до декември за минатата година.

-Моето семејство уште од 1992 години има фарма, и јас кога се оженив и одделив од татко ми регистрирав земјоделска фирма „Стефема“ во 2008, а сопругата се регистрира како индивидуален земјоделец. Значи целосно се посветивме на земјоделието. Не се жалиме од работата, а како што рекле старите оној што се занивама со земјоделие нема да биде богат, ама нема да биде ниту гладен и сиромав, вели со смеа Барашлиевски, на прашањето дали во  државата се живее добро од земјоделие?

За овој фармер еден од најважните сегменти во работата на индивидуалните земјоделци е постојано да се следат трендовите во земјоделието и да се вложува во современа механизација. Смета дека без современи алатки нема напредок и успех. Но, опоменува дека мора да има корекции во начинот на аплицирање и на плаќање на механизацијата, зошто секој еден земјоделецот нема пари да ја плати целата сума за механизација одеднаш.

-Механизацијата е клучна за обработката на земјата, без неа нема да можеш да работиш и да сметаш на високи приноси. Јас поседувам механизација и вложувам во неа, благодарение на ИПАРД  фондовите и разните национални програми кои тоа ни го овозможуваат. Сепак го сметам за проблем начинот на плаќање, зошто земјоделците во најголем дел ја немаат целата сума да платат наеднаш, иако после тоа државата им ги враќа средствата во однапред одредениот процент. Така земјоделците се приморани да земаат кредити, да плаќаат камати или не дај Боже да ставаат имоти под хипотеки. Тоа треба да се менува и да се олесни тој начин на купување на нова механизација, забележува Барашлиевски.

 

„Зелена берза“

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close