fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Пехчевската малина станува посебен бренд заради недопрената природа и чистите води

На пехчевските плантажи со малина се уште трае бербата бидејќи тие стасуваат нешто подоцна од другите и на пазарот ги има кога нема друга свежа да им конкурира

На влезот на селото Негрево во близина на Пехчево во недопрената природа успешно се развива малинарската приказна на еден од насадите во овој крај. Орце Златковски на своите 6,5 декари е во средина на бербите. Според планот и состојбата во која се наоѓа насадот берба на малина треба да има до 5 август што според сите проценки е околу 20 дена подоцна од сите други малинови насади низ земјава пред се заради надморската височина на која се наоѓа овој крај кој пак од друга страна и дава свој печат на оваа малина да биде препознатлива по својот вкус и ароми.

-Ние овој насад го обработуваме како семеен агро бизнис во кој сме вклучени сите околу главните работи. Насадот е полека подиган односно секоја година по декар и пол подигавме и така според тој план ни остануваат за наесен уште последната фаза да го заокружиме целиот простор да биде под малини. Не се многу проблематични за одгледување но сепак си има работа и обврски околу нив. Главните активности ни се поврзани со врзувањето на ластарите но и со чистењето на ново поникнатите ластари во време кога треба старите ластари да родат. Тоа од пракса го увидовме дека мора да го правиме за да не им ја земаат храната на родните ластари и да не се создаваат густи жбунови од вегетација а ластари нови кои ќе излезат при крајот на бербите тие ги оставаме да се оформат за да бидат родни за следната година, вели Орце Златковски одгледувач на малини од село Негрево Пехчево.

Основен предуслов за некој да почне да одгледува малини не е толку познавањето колку достапноста до вода. Според искуството на овој малинар тој троши по 30 тона вода на декар и тоа преку еден ден. Само со голема достапност до вода може да се почне планирањето на ова производство кое годинава урива рекорди во поглед на цената и побарувачката. Целата причина за цени од 4 евра од нива кои се постигнуваат во Србија се заради огромни договорени извозни контингенти за Рускиот пазар заради што е зголемена и побарувачката и цената во Србија.

-Ние тие цени како во Србија не можеме да ги постигнеме и кај нас се продава малината по 150 денари за килограм купена од нива заради тоа што ние немаме количини да понудиме и да извезуваме туку се работи за поединечни насади. Јас сум спремен на сите заинтересирани од мојот регион да им понудам бесплатни садници само да почнат со производство за да прераснеме во поголема група која ќе има понуда и на тој начин да станеме интересни за трговците. Сам јас како единка сега немам проблем со пласманот но неможам да ги постигнам тие цени како во Србија туку од 120 лани цената ја зголемив на 150 денари со таа разлика што годинава иако имам ладилник не сум го вклуил ниту еден ден. Толку има голем интерес за малината од поединечни купци кои доваѓаат секојдневно по малини што неколку фирми кои сакаат да откупуваат од мојата малина дури ми имаат донесено и оставено гајби за да им берам ама за нив не останува ништо бидејќи морам прво купците кои ми се постојани и кои доаѓаат секоја година да ги задоволам. Со род ние постигнуваме по еден тон од декар иако слушам и читам дека други добивале многу повеќе јас сум сепак презадоволен со овој род бидејќи ако се пресмета дека од декар се земаат по 150 илјади денари тогаш може да се заклучи дека нема друго производство од кое ќе се извадат толкави пари. Колку и да има расходи и трошоци сепак солидно се заработува а особено јас ги охрабрувам луѓето кои имаат околу два декара дека можат без да плаќаат работна сила да си ги одгледуваат тие два декара, и целата заработка да им останува и солиден приход како дополнение на семејниот буџет да вадат од околу 5 илјади евра годишно, додава Златковски.

Оваа година вистински бум направи малината со цените и побарувачката која ја има за овој овошен вид. Како растение е многу лесно за одгледување, лесно за зафаќа и потоа сами можат да си произведуваат садници за да си ги прошират насадите без големи инвестиции, не бара посебна нега, заштита и ѓубрење туку само доволно вода а е доста прилагодливо на надморската височина што ја прави доста погодна за сите рурални средини кои често се распоредени на планско брановидните региони. Како инвестиција во еден декар одат околу 800 садници за кои цените се движат од 2 до 2,5 евра за сертифициран саден материјал а понатаму од една садница може да се смета на род од еден килограм. Потребно е да се прават и педолошки анализи за да се види што и недостига во почвата и тоа да се надополни со ѓубрива. Од обработка бара да се фрезира околу коренот а средината во редот најдобро е да е затревена и само да се коси редовно.

Тим на Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close