Пелагонија Житото ожнеено, земјоделците незадоволни од откупната цена
По извршените испитувања на зрното, квалитетот на пченицата е подобар за разлика од ланската година, и приносите се поголеми од лани, но земјоделците се незадоволни од откупните цени.
Заврши уште една жетвена сезона во плодната Пелагонија. Климатските промени од година до година, земјоделците се повеќе ги чувствуваат. Суша пред сеење, а дожд за време на жетва. И оваа сезона земјоделците не беа поштедени од нивното влијание што се одрази врз родот на житото. Временските прилики се причина што жетвата беше пролонгирана и се жнееше и во август. Некој помалку, некој повеќе, земјоделците се задоволни од родот, а за цената кој како ќе се снајде. Постарите генерации се потсетуваат дека вообичаено жетвата завршувала на почетокот на месец јули.
-Никогаш вака жетвата не била завлечена. Во годините наназад до Петровден се жнеело. Се жнееше по цели денови од утро до вечер, а сега ги гледам ќе оди на сабајле еден сат ќе пожнее и ќе си замине. Не е само до врнежите, одмилено им е на луѓето, многу е евтино, затоа и ги оставаат нивите не посеани. Ете на патот за Гнеотино ништо не е посеано, се и испустено, вели Богоја Бошевски од селото Новаци.
До првата декада од август од вкупно 9.200 хектари засеани со пченица ожнеени беа 8.600 хектари од кои 4.400 се на земјоделски претпријатија, а 4.200 се на индивидуални земјоделци. На овие површини се ожнеени вкупно 39.180 тони пченица, 21.120 тони во земјоделските претпријатија и 18.060 кај индивидуалните земјоделци. Просечните приноси изнесуваат 4.550 кг/ха.
Во зависност од местоположбата на парцелите приносите се различни и изнесуваат од 3-4тони пченица по хектар, а некаде и повеќе. На некои парцели кај индивидуални земјоделци постигнати се солидни приноси и изнесуваат од 5-7 тони по хектар. Квалитетниот сертифициран семенски материјал и соодветните агротехнички мерки си го сторија своето, а ќе беа повисоки доколку во фазата на формирање на зрното имаше повеќе влага, велат земјоделците.
-Ја завршив жетвата и според годината задоволен сум од приносите. Во просек имам 5 тони пченица по хектар, вели Сашо Бошевски земјоделец од Новаци.
-Задоволен сум од приносите, имам 6 тони по хектар, а на некои места, каде што вршам услуги има и 7 тони по ха. Поднебјето е такво, овде земјата има најдобра класа и затоа се добиваат високи приноси, вели за „Зелена берза“ Зоран Бошевски земјоделец од селото Радобор. Тој најмногу одгледува пченица и пченка, а за квалитетот вели дека е одличен.
Откупната цена на пченицата е ниска, сметаат производителите
Според информацијата од ПЕ МЗШВ Битола, квалитетот на пченицата за разлика од ланската година е подобар. Родот е класифициран како втора и трета класа.
И производителите се задоволни од квалитетот и родот, но не и од цената. Откупувачите им ја откупуваат пченицата по цена од 8-10 денари за килограм во зависност од хектолитарската тежина, но сметаат дека тоа е малку. За разлика од претходните години, сега МЗШВ нема излезено со информација колку изнесува производната цена на килограм пченица.
-Од цената на пченицата не сум задоволен. Едни ја откупуваат по 9,5 ден/кг, а други по 10 ден/кг. Сметам дека треба цената на пченицата да биде повисока, вели Сашо Бошевски од Новаци.
-За цената на пченицата кај нас како ќе кажат мелничарите така, тие ја диктираат цената ние ништо не можеме против нив. Ние сме важни само кога има гласање, а кога има жетва сите молчат како неми, збор не се зборнува. Јас ожнееното го дадов по 9,5 денари, вели Славе Димовски од Горно Агларци.
-Ние ја сееме, сега и жнееме ама до сега никој не нè прашал дали има кој да ја купи, или да нè види до каде сме. Пченицата ја продадов на дилери по 10 денари. Квалитетот е одличен хектолитарската тежина се движи од 74- 80 хл, вели Зоран Бошевски.
-Цената на пченицата не треба да е под 12-13 ден./кг. Јас ја имав посеано на 60 хектари, ама родот не е според очекуваното. Дожд заврна кога не требаше, па родот е помал. Половина ја дадовме по 10 денари, а половината ми е во силоси. Да не се субвенциите од државата не ќе има никаква исплатливост. Сега на семенскиот материјал ни даваат 12.000 ден/ха и така се покриваме инаку е неисплатливо, вели Салих Коца од село Десово, Општина Долнени.
Се намалуваат површините под житни култури
И покрај тоа што пченицата е стратешки производ немањето гарантиран откуп го намалува интересот кај земјоделците за зголемување на површините со оваа култура.
Намалувањето на површините под пченица го потврдуваат податоците од Државниот завод за статистика. Според нив во 2009 година под пченица биле посеани 88.151 хектар, во 2014 година 76.686, додека лани вкупно 68.847 хектари. Слично е и кај јачменот од 48.622 хектари во 2009 година, на 43.941 хектари во 2019, иако во 2014 година, под оваа култура биле 41.157 хектари.
Следствено на површините се намалуваат и количините на произведена пченица. За период од 19 години во просек производството е намалено за 20%, а од најголемиот подем во 2004 година со 356.825 тони до 200.112 тони во 2017 година, разликата е дури 44%. Причините се различни од големото влијание на климатските промени, па до постојниот систем со ниски откупни цени кои на производителите не им одговара.
Земјоделците сметаат дека државата треба да им излезе во пресрет и да го заштити домашното производство на пченица и јачмен, бидејќи станува збор за стратешки култури.
Пченицата е единствениот производ во Македонија кој има стратешко значење кое е дефинирано во Законот за земјоделство и рурален развој. Со производство од приближно 240.000 тони годишно, нашата држава не ги задоволува своите потреби и е увозно зависна од овој производ, бидејќи овие количини не може да ги задоволат потребите на мелничката и прехранбената индустрија.
Павлина Јовановска