Планот за есенската сеидба во Виница целосно исполнет
Најзастапени се пченицата и јачменот на по 300 хектари
Есенската сеидба во општина Виница е реализирана на 669 хектари, со што планот е целосно исполнет, велат од Подрачната единица на Министерството за земјоделство.
Најзастапени се пченицата и јачменот на по 300 хектари, а останатите површини се засеани со `рж и други житни култури. Од вкупно засеаните земјоделски парцели, 123 хектари се во сопственост на претпријатијата, а остатокот е во индивидуалниот сектор.
– Почетокот на есенската сеидба беше навремено поради доволното присуство на влага во почвата. Тоа овозможи квалитетна подготовка на нивите и успешно завршување на сеидбените активности. Немаше проблеми ниту во обезбедувањето семенски материјал и вештачки ѓубрива, со оглед што добавувачите навремено ги испорачаа до производителите, истакнуваат од Подрачната единица.
Во текот на есента во индивидуалниот сектор на по два хектара се засеани фуражни и градинарски култури.За разлика од претходната година, за оваа есенска сезона во виничкиот регион за сеидба не беа планирани маслодајна репка, афион и други индустриски култури.