По повикот на Владата, започна обновата на „Глобал“ со јавни пари
Општините први ја послушаа препораката на Владата и започнаа со донирање на свои средства на сметката на здружението „Обнова на Глобал“
Општините први ја послушаа препораката на Владата и започнаа со донирање на свои средства на сметката на здружението „Обнова на Глобал“ по пожарот кој го зафати трговскиот центар во Струмица вечерта на 2 јануари. Општина Велес префрлила 60.000 денари, а Ѓорче Петров и Гевгелија по 50.000 изминатата недела.
Владата минатиот месец објави повик за донација од Здружението на граѓани „Обнова на Глобал“ и донесе заклучок да им препорача на органите на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, како и на приватниот сектор, во рамките на своите финансиски можности да донираат средства со цел обновување и реконструкција на опожарениот објект.
Кај одреден дел од јавноста имаше негативна реакција дека штетата треба да ја плати одговорниот за избивањето на пожарот. Последната информација од Обвинителството во јавноста беше дека се работи на случајот во кој 44 дуќани, магацини и 24 тезги се оштетени од пожарот.
„Обвинителството ја одзеде целокупната гадежно техничка документација од општината во врска со ТЦ Глобал, по што се дадени наредби за вештачења кои се очекуваат да пристигнат. Пристигнати се податоци и документација која беше побарано од ЈПКД Комуналец Струмица, претпријатието кое стопанува со тезгите – пазарот во внатрешниот дел на ТЦ Глобал.“ – објавија од Јавното обвинителство.
https://faktor.mk/po-povikot-na-vladata-zapochna-obnovata-na-global-so-javni-pari