fbpx
ВестиВиноМакедонијаТоп вести

Почна битката меѓу лозарите и винариите околу откупната цена на грозјето

Откупната цена на грозјето 20 години не е променета. Со години наназад „смедеревката“ се откупува по цена од 11 денари по килограм, а „вранецот“ 13 денари по килограм. Националната федерација на фармери со години наназад бара да се создадат вистински партнерски односи помеѓу лозарите и винариите и откупната цена на грозјето да изнесува 16 ден. за килограм „смедеревка“ и 17 ден. по килограм „вранец“

Кaко и секоја година така и оваа нема да изостане битката меѓу лозарите и винариите околу откупната цена на грозјето. За едните откупната цена на грозјето е ниска и нивниот труд не е вреднуван, а за другите потребно е ограничување на родот и зголемување на квалитетот на грозјето за да ја подобриме конкурентноста и нашата репутација како винска земја во светски рамки.

Откупната цена на грозјето 20 години не е променета. Со години наназад „смедеревката“ се откупува по цена од 11 денари по килограм, а „вранецот“ 13 денари по килограм. Лозарите сметаат дека со вака ниски откупни цени само се уназадува лозарството, кој е еден од значајните сектори во земјоделството, посебно за производство на вино кое е извозно ориентирано и значајно за БДП на државата.

-Со години наназад препознатлив е трендот на должење и неисплата на винариите кон лозарите. Сè уште голем дел од лозарите ги немаат добиено своите пари за предадено грозје. Најзначајно во целата приказна е тоа што лозарството е повторно неорганизирано, дури стихијно. Она што значително се смени е дека пораснаа цените на македонските вина односно вината се сè поскапи, а лозарите сè посиромашни, покажува анализата на Националната федерација на фармери.

НФФ со години наназад бара да се создадат вистински партнерски односи помеѓу лозарите и винариите и откупната цена на грозјето да изнесува 16 ден. за килограм „смедеревка“ и 17 ден. по килограм „вранец“.

Најновата анализа на состојбата на лозовите насади на Земјоделскиот институт покажа дека голем дел од лозовите насади од сортите вранец и смедеревка во Тиквешкиот регион се оптоварени со род затоа што не се применуваат соодветни агротехнички мерки и стандарди. Анализата на Институтот, чија цел е да се направи соодветна проценка на приносот и квалитетот на најзастапените сорти пред почетокот на годинашната берба, покажува дека просечниот принос кај вранецот од десетте најголеми локалитети во Тиквешијата оваа година изнесува над 24 тони по хектар, а кај смедеревката тој надминува и 28 тони по хектар.

Според винариите, пак, иднината и долгорочната развојна перспектива на македонската винска индустрија и лозарство зависат од тоа колку брзо ќе ги прифатиме и примениме светските стандарди во производство на грозје со висок квалитет, кое е неопходно за производство на врвни вина со премиум квалитет што се бараат од страна на потрошувачите, особено на странските пазари. Производството и пласманот на големи количини наливно вино со низок квалитет што сѐ уште доминира во нашиот извоз не ја подобрува нашата конкурентност и нашата репутација како винска земја во светски рамки.

Од винариите нагласуваат дека науката и праксата покажуваат дека за да се постигне висок квалитет на грозјето, родот мора да се ограничува помеѓу четири и осум тони по хектар, а во исклучителни случаи, кај високородните сорти грозје како што се вранецот и смедеревката, тој не треба да надминува 12 до 16 тони по хектар. Според тоа, посочуваат, годинашниот род кај најзастапените сорти грозје во нашата земја е скоро двојно поголем од она што е дефинирано како светски стандард во оваа област.

Дополнително, според познавачите на состојбите, голем дел од производителите на грозје во земјава го зголемуваат родот со тоа што неконтролирано и обемно го наводнуваат грозјето со што тоа добива на родност и тежина, но притоа ја губи шеќерноста која има клучна улога во квалитетот на виното, затоа што од грозје со ниска шеќерност може да се произведе само вино со низок квалитет.

Според статистичките податоци во државата вкупно 48 илјади семејства поседуваат лозови насади. Од површините под лозови насади наменети за производство на винско грозје 70 отсто се обработуваат од страна на индивидуални земјоделски стопанства чија површина се движи од еден до 4 хектари.https://www.vecer.press/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close