Почна шпицот на наводнувачката сезона во Тиквешко
Поради топлото време, зголемена е побарувачката за вода за наводнување, со што почна шпицот во наводнувачката сезона во Тиквешко, информира Љубе Димов, директор во кавадаречката подружница на АД „Водостопанство”.
Co цел сите земјоделци навреме да добијат вода за своите земјоделски култури, воведени се и рестрикции на одделни помали линии од мрежата.
Лозовите и овошните насади бараат вода речиси истовремено. Бевме принудени да преземеме соодветни мерки за сите потреби од водоснабдување да бидат задоволени. Почнуваме со повремено кусо затворање на одделни помали линии, за да има доволно вода и до крајните потрошувачи нагласува Димов.
Во моментов, хидромелиоративниот систем „Тиквеш” од Тиквешкото Езеро добива околу 10 кубни метри вода во секунда. Има и нови извори на вода како реките Бошавица и Дошница, како и помали системи што се наоѓаат на реката Вардар. Годишно се наводнуваат околу десет илјади хектари земјоделска површина на територијата на општините Градско, Росоман, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.