При правилно манипулирање со садниот материјал, вадење, транспорт, трапење, садење, полевање, не би требало да има непримени садници. Најважно е во сите овие манипулации да не дозволиме потсушување или промрзнување на кореновиот систем, особено на ситните апсорпциони коренчиња.
Но, во практиката не може секогаш сѐ да се изведе како што треба, од објективни или субјективни причини и се случува да има извесен процент непримени садници. При проектирање на плантажите се допушта 5% непримени садници, кои се пополнуваат во наредната садна сезона.
Најосетлив на приемот е бадемот и затоа кога се подига насад од бадеми, потребна е најголема технолошка дисциплина околу манипулацијата со садниците и садењето. Осетливи при садењето се и праските, кајсиите и другото коскесто овошје на генеративна подлога. И крушите на генеративна подлога потешко се примаат отколку на вегетативна подлога. Има случаи кога во цела парцела може да не се најде ниту една непримена садница. Тогаш и порастот на садниците е буен, насадот почнува со добар старт и од него се добиваат очекуваните резултати.
Кога има непримени садници, има и садници кои едвај се примиле, кои ќе имаат слаб пораст, се добива неизедначен насад, подоцна стапување во плодоносење и др. Се случува некои садници да се оштетат или уништат или украдат во текот на првата година, кои исто така треба да се пополнат. Зајаците, глувците, слепите кучиња и другите гризачи може, исто така, да уништат некои садници кои треба да се пополнат.
За да се изврши успешно пополнување на овошниот насад, потребно е да се примени уште поправилна манипулација со садниот материјал и поквалитетно садење. Иако површината била риголована или риперирана во текот на годината, таа е веќе позбиена од врнежи, полевање и сл., па затоа за пополнување ќе се ископаат поголеми дупки.
При првото садење на длабоко подготвената површина, доволно е дупките да бидат со димензија 50x50x50 см. За пополнување, дупките треба да бидат најмалку 100 см широки и 60 см длабоки, ископани 1-2 месеци пред садењето. Треба да се оди исклучиво на есенско пополнување, кога приемот е посигурен, стартот и порастот подобар. Копањето на дупките може да се изврши рачно или машински со сврдел, и др. Сврдлите обично се со помал дијаметар, па затоа на едно место се прават 3-4 дупки, една до друга, потоа рачно се дооформува дупката. Копањето на дупката може да се олесни со длабоко разорување на садното место со поголем еднобразден плуг полуриголер. Со него се поминува 2-3 пати попречно или дијагонално и така почвата се разровкува на длабочина од 40-50 см, а потоа рачно се докопува и оформува.
За пополнување на празните места треба да се употребуваат висококвалитетни едногодишни садници со добро разгранет коренов систем. Ако има можност, може да се употребат дури и постари садници 3-4 години.
При садењето треба да се изврши ѓубрење со 10-20 кг прегорено арско ѓубре и 500-800 гр комбинирано NPK ѓубре.
По садењето треба да се изврши добро полевање и строга резидба на круната со дезинфекција, но и премачкување на пресеците. Во текот на првата, па и втората година треба да се врши редовна обработка на површината околу овошките. За форсирање на порастот во текот на летните месеци, јуни и јули, треба да се извршат две фертиригации со растворено говедско ѓубре. Со вакви посебни мерки ќе се овозможи побрз пораст на пополнетите садници и изедначување на насадот.
Валентина Соколовска
за Зелена берза