Порано храневме 22 милиона, а сега немаме храна ни за 1,5 милиони луѓе
Корисниците на државно земјиште бараат ослободување од надоместот за концесија за цела 2022 година, како и ослободување од пашарина, наводнување и одводнување. Доколку не се исполнат барањата, се заканија со протести и прекин на производството на храна
Земјоделците се силно погодени од растот на цените на нафтените деривати и на пченицата и бараат помош од Владата. Бараат целосно ослободување од акцизата и ДДВ-то за зелената нафта, зголемување на субвенциите за сите земјоделски гранки и нивна исплата пред секоја производна сезона, укинување на ДДВ-то за сите вештачки ѓубрива и хемиски препарати, како и субвенционирање на вештачките ѓубрива што се користат во земјоделското производство. Корисниците на државно земјиште бараат ослободување од надоместот за концесија за цела 2022 година, како и ослободување од пашарина, наводнување и одводнување. Доколку не се исполнат барањата, се заканија со протести и прекин на производството на храна.
Од опозицијата обвинија дека Владата повторно ги заборавила земјоделците и не ги опфатила со ниту една од антикризните мерки. Изминатите неколку месеци, тие се соочуваат со драстични покачувања во цената на репроматеријалите, вештачките ѓубрива, како и со зголемената цена на нафтата. Доколку власта не им излезе во пресрет, земјоделците ќе се соочат со големи тешкотии при својата работа и производство. Дополнително ќе имаат отежнат пласман на своите продукти, поради состојбата во Украина.
Земјоделците бараат Владата да ги субвенционира придонесите на регистрираните земјоделци и итно да се изнајдат пазари за пласман на земјоделските производи што се произведуваат на македонските ниви.
– Земјоделството е една од најпогодените гранки од кризата, затоа е потребна итна помош од Владата за спас на секторот. Поскапувањето на нафтените деривати драстично ги зголеми трошоците за производство на овошје и на зеленчук. Дополнителен удар за земјоделците е што не знаат каков ќе биде пласманот, а на стартот се соочија со многу високи цени на репроматеријалите – велат од земјоделските здруженија.
Земјоделците бараат предвремена исплата на субвенциите, но и исплата на зелената нафта за да се амортизира, колку-толку, ударот од поскапувањето на цените на репроматеријалите и на нафтените деривати.
– Субвенциите се далеку пониски отколку што треба и не се даваат во периодот кога им се најпотребни на земјоделците. Од друга страна, цените на репроматеријалите секојдневно се зголемуваат, струјата, нафтата, ѓубривата, пестицидите… Неизвесноста околу пласманот е уште еден проблем. Никој не знае каде и по која цена ќе ги продаде своите производи. Лани, продажната цена беше пониска од производствената. Поради ниските откупни цени, земјоделците се откажуваат од производството, а насадените површини се намалуваат. Порано храневме 22 милиона луѓе, а сега немаме храна ни за 1,5 милиони – вели за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица.
Едно од барањата на земјоделците е и зголемување на откупните цени за 30 отсто и изнаоѓање алтернативни пазари за пласман на земјоделските производи. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги поддржаа барањата на македонските земјоделски здруженија и побараа власта да им помогне на земјоделците за да ја преживеат оваа криза.https://www.vecer.press/