Повеќе од 20 години со многу љубов охриѓанката Благуна произведува и продава цвеќе
Приказна за Благуна Наумоска, од охридското село Косел.
– Добра земја, прихрана и многу љубов и внимание се потребни за производство на убави цвеќиња. Вака ја почнува својата приказна Благуна Наумоска, од охридското село Косел, која повеќе од 20 години се занимава со производство и продажба на дворски и саксиски цвеќиња.
Љубовта кон цвеќето, ја пренела и на својот син, кој моментално е надвор од државта, но често доаѓа да помогне околу производството. На патот Охрид – Битола во селото Косел јасни патокази водат до расадникот „Гарденија“, каде со насмевка ќе ве пречека пензионираната тетка Благуна.
Иако се уште е рано за пролетните и летните цвеќиња, дворот на семејството Наумоски е раззеленет со зимзелени дрвца, зимски цвеќиња и прекрасна зелена трева. Тоа и наговестува со какво внимание и посветеност се грижат за садниците, сместени во три пластеници 20 до 30.000 садници циклама, примула, кала, петунии, сардели, сурфинија, лобелија…
Производството го продава на тезга во Градскиот пазар, но има и редовни купувачи, кои доаѓаат директно од пластениците да купат цвеќиња за своите дворови и тераси.
За охриѓани вели дека се љубители на цвеќе, но освен за 8 Март, свечености, свадби, веридби, матурски, заклучи дека во Охрид многу ретко се подарува цвеќе.
– Нашиот народ, во Охрид, нема навика да подарува цвеќе. За разлика од Скопје, секаде каде и да отидеш со цвеќе ќе влезеш. Тука не. Порано се купуваше многу цвеќе за 8 Март, како за себе, така и за подарок, но последниве години продажбата стагнира. Годинава пак интересот е доста намален, се плашат луѓето да се дружат, да се среќаваат, па така неможат и да си подарат нешто, вели тетка Благуна. Побарувачката, додава, била намалена изминатава година, но кога почна пандемијата продажбата била многу зголемена.
– Има разлика, годинава во пандемија побарувачката е намалена. Но, лани кога почна короната се изненадивме од големиот интерес. Сите беа дома доаѓаа купуваа цвеќе, ги уредуваа дворовите, градините, терасите. Си посветија време на себе и околината, посочи Наумоска, додавајќи дека најбарани се цветните сорти. Иако големите маркети нудат акции со пониски пред Осмомартовски цени, сепак не гледа конкуренција во нив.
– Си имаме редовни муштерии. Денеска дојдоа редовни клиенти, кои имаат апартмани, направија нарачка за пролетни цвеќиња. Добар дел од садниците однапред ни се резервирани, посочи Наумоска. Поддршка од државата не добивала никогаш, ниту во година на пандемија некој ги прашал како се снаоѓаат.
– Сме барале субвенции, како што даваат за други култури, но никогаш не сме добиле. Ниту во година на пандемија, никој не не праша како се снаоѓаме, додава Благуна. Во топлите месеци дворот на Наумоски најмногу го красат сарделите, кавалер и дама и бегонија, но тетка Благуна честопати знае да си купи цвеќе, да си ја нахрани душата со нешто ново поразлично од она што секојдневно го одлгедува.https://opserver.mk/makedonija/opstini/povekje-od-20-godini-so-mnogu-ljubov-ohrigjankata-blaguna-proizveduva-i-prodava-cvekje/