fbpx
Вести

Преспа: Овоштарите бараат да се врати градобијната одбрана

Четврта година по ред Преспанскиот Регион води битка со временските непогоди, a само овој месец Преспа двапати ја погоди невреме со град.

Големи штети кај јаболкниците од 50 до 100 проценти предизвика невремето со град што минатиот викенд ја зафати Преспа, се жалат овоштарите. Тие под итно бараат да се врати градобијната одбрана затоа што се оставени само на себе, а осигурувањето на родот не им ја надоместува реално штетата.

Тие предупредуваат дека без градобијна заштита не можат да продолжат со производството на јаболка, затоа што Преспа е веќе ризичен регион. Четврта година по ред Преспанскиот Регион води битка со временските непогоди, a само овој месец Преспа двапати ја погоди невреме со град.

Последни настрадаа овоштарниците во селата Грнчари, Асамати, Раица, Курбиново, Претор, Златари, Езерани, Сливница и Долна Бела Црква. Претходно беше уништен родот на потегот од Јанковец до Сопотско.

Горан Талевски, овоштар од селото Долна Бела Црква разочаран вели дека последното невреме целосно ги уништило неговите јаболкници.

– Имаме засадено јаболници на површина од пет хектари, но градот сосема го уништи родот. Тоа што останало, ќе биде болно и нема да биде за јадење. Годинава очекував 250 тони јаболка, но родот ми е уништен. Не знам како ќе преживее моето шестчлено семејство – се пожали Талевски.

Според неговите пресметки, од родот годинава очекувал околу 2,5 милиони денари, ако еден килограм јаболка би се откупувал по цена од 10 денари. Овоштарниците не ги осигурал и како што вели, загубил сѐ.

– Ова е нашата преспанска голгота. Овоштарниците не ми беа осигурани, бидејќи она што го прават осигурителните компании нема врска со реалноста и е на штета на овоштарите. Осигурителните компании во април за 100 отсто ги подигнаа цените на полисите и од 20 отсто на 40 отсто франшизата, згора ставија 15 отсто скриени трошоци. Осигурителните полиси се лошо скроени и голем дел од овоштарите немаат сметка да се осигураат – вели Талевски.

Никој од надлежните институции ни на локално, ни на централно ниво, два дена по невремето не дошол на терен за да ја констатира состојбата.

– Прашувам – како еден од надлежните не се појави по селата каде што овошките беа најоштетни? Ни од власта, ни од опозицијата. Да беа избори, сите ќе дојдеа да се сликаат, како што лани пред изборите кога пролетните мразеви го зафатија регионот дојдоа и министри и опозиционери – обвинува овој овоштар од Преспа.

Овоштарите бараат државата под итно да ја врати градобијната заштита како единствена мерка да се намали штета врз родот од невреме кај земјоделците. Напоменуваат дека трошоците на државата за градобијните ракети не можат да се споредуваат со штетите што ги трпат земјоделците.

– Мора под итно да издејствуваме да се врати градобијната одбрана. Станавме ризично подрачје и додека не ја добиеме таа заштита, тешко дека ќе го спасиме родот. Таа заштита мора да се врати, друг начин нема, затоа што осигурителните компании само ги компензираат штетите. Додека не ја добиеме таа градобијна одбрана, не можеме да продолжиме со производството – вели Љубе Пампулевски, претседател на здружението на овоштари „Благој А. Котларовски“ од Ресен.

Пампулевски вели дека ќе бара средба со надлежните институции кои ќе мора да излезат на терен и да ги констатираат штетите. Годинава ако не ги погодеше градот, овоштарите од Преспа пресметуваа род од 120.000 тони јаболка. Една четвртина од родот, или околу 30.000 тони веќе се целосно уништени.

Пролетениот мраз лани во април оштети 90 проценти од јаболковите насади, а градот на почетокот на летото, во јуни, го уништи остатокот од родот. Во 2017 година, наместо очекуваните 100.000 тони јаболка, реколтата тежеше помалку од 10.000 тони. Производителите изгубија над 20 милиони евра, а како обесштетување од државата добија само 1,5 милиони евра. Колкави ќе бидат штетите од невремето овој месец, ќе покажат проценките што допрва следат.


 

слободенпечат

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close