Од денес нема онлајн обложување
Прекинува онлајн спортското обложување откако истече рокот за преточување на уредбата со законска сила во трајно законско решение или евентуално друго правно решение со кое би се продолжило онлајн обложувањето преку македонските лиценцирани спортски обложувалници.
Од денес веќе нема онлајн уплати во домашните обложувалници. Истекува рокот на уредбата со која кладилнците шест месеци имаа можност да организираат онлајн обложување. Од секторот велат дека ако државата не овозможи и во иднина да има уплати на ваков начин, ризикува да изгуби 100 милиони евра, пари кои во моментов се неопходни.
Онлајн обложувањето е на самиот почеток. Луѓето повторно ќе се насочат кон странските сајтови, а загубите за државата би биле од 40 до 50 милиони евра на годишно ниво.
Од Асоцијацијата на обложувалници велат дека преку онлајн уплатите од мај до декември во буџетот се слеале близу 2 милиони евра, а кладилниците биле растеретени од гужви.
Од Министерството за финансии засега нема одговор дали ќе се преземе нешто, за да можат граѓаните и натаму ливче да уплаќаат онлајн или љубителите на овој тип игри на среќа ќе мора да дојдат на шалтер.
Инаку со почетокот на пандемијата кладилниците беа меѓу првите кои ставија клуч на врата и тоа два месеци, но и први добија дозвола за работа.