Прихрана на есенските посеви според фаза на развој а не според календар

(Oвој напис е објавен на: March 4, 2019)

Долготрајната есенска суша се уште прави проблеми кај посевите под пченица и јачмен. Заради сушата голем дел од посевите се засеани доцна а заради недостигот од влага многу доцна поникнаа и се во многу ниски фази од развојот. Состојбата е лоша и засега земјоделците не можат многу да си помогнат околу тоа. Единствено може да се чека пролетните дождови да ја поправат состојбата и со правилна и навремена прихрана да се подобри сликата. Вообичаено во овој период од годината земјоделците кој одат на две прихрани брзаа да се заврши со првата пролетна прихрана која се правеше со уреа но годинава заради состојбите познавачите препорачуваат да се оди на една прихрана и тоа не сега туку да се калкулира споед фазата на развој на житарките.

-Во моментот земјоделците не можат да ја поправат состојбата бидејќи есенските жита главно се во фаза од еден до два листа а многу малку од посевите кои биле порано посеани и имало доволно влага во почвата се во фаза на три листа.  Тоа значи дека иако сега е времето кое дури е и поодминато за првата прихрана која зависно од типот на ѓубривото може да се дава почетокот на февруари, јас не препорачувам сега да се врши прихрана туку да се почека. Кореновиот систем сеуште не е развиен. Сега за сега егзистираат само примарните коренчиња кои се најчесто три. Растението сеуште стагнира  заради ниските ноќни температури. Кај растението дури по фаза на трет лист почнуваат од јазолот на братење  да излегуваат секундарните коренчиња . Сега во вакви ниски фази и во случај да сте наѓубриле и да има пообилен дожд растенијата со коренчињата не можат да ги фатат хранливите елементи од ѓубривата и тие ќе поминат надолу бидејќи азотот лесно се промива во подолните слоеви и во тој случај попусто е фрлено ѓубрето а со тоа и парите вели Дане Бошев професор од факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

Во принцип првата прихрана треба да се фрли кога растенијата се во фазата на братење.  Состојбата на терен оваа година поради есенската суша и сеуште студениот период е таква да растенијата стагнираат во својот развој . Добрите земјоделци кои ги следат фазите на развој за годинава планираат да одат само на една прихрана иако вообичаено во нормална година две прихрани даваат подобри резултати но тоа правило не важи за годинава.

-Додека не дојдат житата во фаза на три листа и почеток на развој, кога физиолошки надземниот дел на растенијата подзастанува со развој а поинтензивно се развиваат секундарните коренчиња, додека не дојде до таа фаза не би препорачал ѓубрење.  Во однос на ѓубривата, тие што користат уреа или ако одат на варијанта да користат само една прихрана ја ставаат во поголема количина уреата но сега веќе подзаминува времето за уреа и јас би препорачал да се користи амониум нитрат или кан бидејќи на уреата и е потребен временски период и високи температури за да се активира ензимот уреаза кој што амидната форма ќе ја растворат во амоњачна и на крајот до нитратна која што е форма на азот која што можат да ја искористат растенијата. За разлика од уреата, амонум нитратот и канот кои најчесто се 33% или 34%, што значи дека половина од таа форма е нитратна и веднаш достапна форма додека другата половина е во амоњачна форма со која се обезбедува благо продолжено дејство.  Исто е со канот со тоа што таму имаме помала концентрација на амоњачна и нитратна форма  бидејќи обично е 27%  што значи дека 13,5% припаѓа на нитратна форма која е веднаш достап и уште толку на амоњачната форма која обезбедува благо продолжено дејство додава професор Бошев.

Оваа година е доказ дека во земјоделството ништо не се прави по традиција како што правеле порано старите земјоделци, ништо не се прави по шема туку заради климатските промени треба да се оди во иднина исклучиво според фазите на развој.

-Апсолутно не треба земјоделците да се држат до календарот на која дата се фрла прихрана или по книга бидејќи веќе се многу променете условите и тоа треба да се одредува според фазата на развој на растенијата. Еве да земеме како пример сега ако ставите уреа, азотните ѓубрива имаат едно својство на површината на почвата кога ќе дојдат ако е сушно и ако има сонце почнува да испарува дел од азотот тоа е така наречена волатизација на азотот. Така да зошто да фрлате кога нема најава на дождови  особено па не уреа која исклучително побргу го губи азотот на суво сончево време за разлика од амониум нитратот и канот. Уреата е одлично ѓубриво но да има влага и да се поразвиени растенијата односно да се ви фаза на братење кога веќе имаме зелена површина која ќе го засенчи гранулата од ѓубривото за да не испари дел од азотот, рече Бошев.

Годинава за есенските посеви се ќе зависи од пролетните дождови. Имало и други години со вака лош старт но знаела состојбата да ја поправат пролетните дождови за кои земјоделците често знаат да речат дека може да вредат колку суво злато. Сме имале години кога и во март поникнувала пченицата. Сите овие состојби се резултат на климатските промени. Оваа година според досегашните услови може да се окарактеризира како доста неповолна за есенските жита. Заради сушната есен годинава има помалку посеано и од лани односно некои неофицијални информации се дека пченицата годинава ја има на околу 65 илјади ха и ако не се поправи нешто на пролет а и во околината ситуацијата е слична односно и во Србија има околу 100 илјади хектари помалку засеано можно е да биде барана пченицата ама да ја нема доволно.

З.Б.

Share Button