Приватните компании резервирани за идејата на Заев за простување камати
Од Синдикатите велат дека најголем дел од долговите на граѓаните се кон ЕВН и БЕГ, но оттаму со резерва гледаат на владината идеја за простување на каматите. Експерти критикуваат дека се промовира нееднаквост
Приватните компании во Северна Македонија со резерва го примија апелот на премиерот Зоран Заев и тие да се вклучат во отписот на камати и плаќање на рати за заостанати долгови на граѓаните. Синдикалците сметаат дека тоа е добар начин да се стави крај на праксата на наплаќање огромни камати од граѓаните, но експертите не се убедени дека мерката има социјална и пазарна издржаност.
Во екот на пандемијата, според последните податоци, без работа останале над 18 илјади граѓани во земјата. Вкупната бројка на лица кои активно бараат работа во С. Македонија достигна 160 илјади луѓе.
Владата донесе одлука да им помогне на граѓаните со простување на каматите за долгови над три месеци, а за заостанатите долгови, ќе се понуди можност за плаќање на 12 рати. Оваа мерка е дел од петтиот антикризен пакет кој откако помина во Владата, чека на виза во Парламентот. Според најавите, таа ќе се однесува на сите долгови и камати и ќе биде обврзувачка за јавните претпријатија и општините, но не и за приватните компании. Или во превод, мерката ќе биде од корист на граѓани кои имаат долгови за комуналии од типот на неплатена вода, комунални услуги, ѓубрарина, данок на имот. Но не и за долгови по основ на неплатена струја, парно, или телекомуникациски услуги.
Премиерот Зоран Заев при презентирањето на мерките ги повика и приватните компании согласно нивните можности да се приклучат и да покажат одредена солидарност.
А како ќе постапат тие, засега е неизвесно. Дојче веле направи мини анкета кај дел од клучните компании кои засега се без конкретен став. Најповиканите, ЕВН и БЕГ АД, каде според информациите има акумулирано најголем долг засега не конкретизираат ништо подетално:
„Во моментот кога ќе има официјална одлука од Владата на РСМ, ЕВН секако дека ќе ја разгледа и ќе одлучи. ЕВН Македонија и во минатото се приклучила кон владините пакети и кампањи кои имале за цел олеснување на плаќањето на долговите на граѓаните. Меѓутоа, овие пакети не се покажале сосем функционални во смисла на комплетни и систематски решенија на проблемот со заостанатите долгови. Сепак, останува да се одлучи по разгледување на официјалната одлука од Владата“, соопштија за Дојче веле од австрискиот оператор.Со сличен став се и во БЕГ АД, компанијата која се занимава со дистрибуција и снабдување на топлинска енергија:
„Пред да излезе со официјален став, БЕГ АД ќе ја почека официјалната објава на петтиот пакет мерки на Владата на РСМ и ќе изврши анализа од аспект на ефектите врз потрошувачите и компанијата“ соопштија за Дојче веле од БЕГ АД. https://www.dw.com/mk/%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B5%D0%BA%D0%BE%D0%BD%D0%BE%D0%BC%D0%B8%D1%98%D0%B0-