Производството на вино е уметност – Ноќна берба на грозје за поквалитетно вино
Грозјето и виното се двата симболи на Тиквешкиот регион и тамошните жители ,кој помалку кој повеќе, својата иднина ја градат и ja темелат токму на нив. А што е најважно за да се успее? Потребна е желба и љубов кон природата. Секој еден што го има ова е способен да работи, да твори и да живее од производството на вино, вели Сашко Андов.
Младиот Сашко Андов од с.Марена не ни сонуваше дека еден ден професионално ќе се занимава со производство на вино. Иако своето детство го поминал низ лозовите насади што се наоѓаат во т.н. место „Маренски уши“ имал желба еден ден да се занимава со машинство конструкции и сл. Но како што велат не вели никогаш – „никогаш“, го прифатил она што му го пружил животот и ги започнал своите експерименти во малата семејна винарија „Ерос“ во с. Марена.
-Такви беа условите тогаш. Се определив за производство на вино и со тек на време ја засакав работата. Првично моите желби беа насочени кон машинство и воопшто не се замислував во земјоделие, ниту како земјоделец ниту во преработка, ништо од тоа. Во винаријата со која раководеше татко ми беше потребен човек што ќе се посвети целосно на работата. Се запишав на Земјоделски факултет во Скопје, па со тек на времето ја сфатив целата филозофија на виното, рече Сашко при посетата на Зелена берза во винаријата „Ерос“.
Она што неговиот татко Душко Андов го почна пред 15 години Сашко се обидува не само да го задржи туку и да продолжи да го развива.
– Сакав да почнам нешто што ќе биде подолгорочно и генерациите после мене да го работат истото. Тука кај нас во Тиквешијата се знае, лозарството е основна дејност и затоа се одлучив да отворам винарија. Почнав со мали количини на вино. Пријателите ќе дојдеа ќе пробаа од виното, нешто ќе понесеа за дома и ништо не остануваше. Одлучив да почнам, со вино но во поголеми количини, се потсети таткото Душко. Најмногу ме исполнува тоа што го гледам синот, како ги прави вината. Јас помагам во работењето,за оние физички активности, инаку тој се занимава со технологијата, што треба да се стави во виното, кога треба да се преточи, со што да се стабилизира и др., објаснува Душко горд на својот син што тргнал по неговите стапки.
За потребите на винаријата, семејството Андови располага со лозов насад на површина од 2 ха. Винаријата има капацитет од 12 000 – 13 000 литри вино. Одгледуваат повеќе сорти грозје: вранец, темјаника, мускат отонел, смедеревка, кардинал. Целото количество на собрано грозје го користат за потребите на винарија, дури дел и купуваат, особено станушина, стара тиквешка сорта. Многу издржлива, во 1920 година кога лозовите насади ги напаѓа филоксерата единствено таа сорта останува и преживува. Во тиквешијата ја има само на неколку места во еден микро реон, во селата Дабниште, Ресава и Бегниште. Од станушината прават розе вино,а оваа година имаат и црвено вино, многу убаво лесно за пиење и погодно сега за летниот период, кој во својот состав има 12% алкохол и доста пријатно за пиење.
Ноќна берба на грозје за поквалитетно вино
Карактеристично за целото производство во винаријата е органското производство. Вранец, темјаника, жилавка, шардоне. Имаат специјална берба на грозје шардоне со касна берба од 15-18 октомври што има над 30 шеќерни единици во грозјето и 17,5 алкохол. Десертно вино со специфичен мирис и вкус и секој што пробал не останал рамнодушен.
-Имаме ноќна берба на грозје. По заслуга на синот кој ги прати новините во производство на вино организираме ноќна берба. Многу подобро е кога се бере ноќе, грозјето е изладено, а многу подобро е и за нас да береме на пониска температура отколку берба на 35-40 степени температура, објаснува Душко.
Производството на вино е посебна филозофија, со технологија на која треба многу да се внимава, но има и големи можности за експериментирање. За тоа е задолжен синот.
-Секоја година е нова година и пробувам нови начини на производство. Се интересирам, читам, барам на интернет и наоѓам нови работи. Постојано експериментирам. Имам посетено неколку винарии во Словенија. Оттаму имам нешто научено, а и овде разменуваме идеи со колеги и енолози. И кај нас има квалитетни енолози кои несебично го споделуваат своето знаење, што е многу битен дел за нас помладите. Членуваме во Здружението „Семејни Тиквешки винарии“ кое ни е од голема помош не само за стручни совети туку и за заедничка промоција на производите, вели Сашко.
Наградите и признанијата поттик за поголем квалитет
-Уште пред да ја отворам винаријата во 2001 година добив Прва награда во Неготино, наредната 2002 добив за жилавка Второ место, исто така за мали семејни винарии. Тоа повеќе ме поттикна да ја отвориме винаријата и да работиме со виното. Оваа 2020 година со вино од 2019 година темјаника освоивме сребрен медал во Белград за бело вино, со Вранец 2018 освоивме златна медалја , а со вино станушина освоивме бронзен медал, со задоволство објаснува Душко.
Со развивање на винска култура до поуспешен бизнис
-Има иднина овој бизнис и сега во ова состојба со короната, никој ова не го предвидуваше. Три месеци сме блокирани, не можеме ниту едно шише да продадеме во рестораните. Ретко има некој да земе или по карго да пратиме за домашни потреби. Мислам дека ова ќе помине. Овој бизнис не е сезонски туку години и години, треба генерации да го продолжат понатаму. Најчести проблеми се продажбата и наплатата и затоа повеќе одиме со проверени фирми кои знам дека ќе платат и работиме со нив, со ресторани и други угостителски објекти. За сега е добро, ако ја исклучиме короната, но се надеваме дека ќе биде подобро, вели Душко.
Ние имаме квалитет, ама треба да стекнеме култура на пиење вино. Гледам младите веќе стекнуваат некаква култура. Не може ние да мешаме вино со вода и да пиеме вино и вода. Ако се помеша виното со вода што ќе осетиш од виното? Ништо. Полека културата на вино да ја стекнеме, да се надградиме и тогаш ќе имаме поголема потрошувачка на вино. Виното е пијалак кој треба да го пијат сите, додава Андов.
Покрај виното, во „Ерос“ произведуваат и маџун, стар тиквешки специјалитет и гроздов сок, кои се многу барани и како лек за црниот дроб. Производите може да се најдат во неколку продавници за здрава храна во Скопје како и повеќе маркети во Тиквешијата. Секако тука е и можноста за порачки и дистрибуција по карго превоз.
Иднината е на младите вели Душко, а Сашко размислува за вински туризам и можност за проширување. Смета дека конкуренцијата е здрава работа.
-Од корист е сите да се развиваме, а со тек на време секој ќе си најде свој пат по кој ќе се движи, што и какво вино ќе прави како ќе се развива. Сите работиме на подобрување на квалитетот, не се чувствуваме загрозени и гледаме да направиме квалитетен производ, вели Сашко.
Нашата посета во винаријата ја завршивме со дегустација на производите во „Ерос“. Се уверивме во убавината на гроздовиот сок и извонредниот квалитет на виното што е спакован во амбалажа со уникатни етикети на кои е отсликана уметничката вредност на „Ерос“.
Павлина Јовановска