Пролет во Арвати Преспа фотогалерија
Арвати — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.
Селото е сместено на околу 3 километри источно од Преспанско Езеро, во длабока живописна пазува на планината Баба, во средишниот дел и од двете страни на реката Шара (позната и како Арватска или Кранска Река). Сместено е на надморска височина од околу 900 метри.
Атарот на селото изобилува со извори и бистри водотеци, кои се леви и десни притоки на Шара. Арвати е старо етнички мешано село во кое отсекогаш сложно живееле православни Македонци и муслимански Албанци.
Под различни облици на денешното име (Харвати, Харват, Хрвати и Арвати) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди. До шеесеттите години од XX век на Шара работеле 9 воденици, 1 валалница и неколку казани за печење ракија.
Со електрична енергија, селото се здобило во 1950 година, кога на Шара била изградена мала хидроцентрала. Својата егзистенција арваштани ја обезбедувале преку поледелството, сточарството и печалбарството.
Во рамките на поледелството некогаш преовладувале житариците (’рж, пченица, јачмен, пченка) и градинарските производи (пиперки, домати, лук, кромид, грав, тикви, краставици и др.), а денес преовладуваат јаболковото овоштарство.
П.Ј.