fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

ПРВИОТ ЧОВЕК НА ЕСМ, КОВАЧЕВСКИ ЗА ФАКТОР: Очекувам да нема зголемување на цената на струјата по први јули

Сите погледи деновиве се вперени кон енергетските компании, односно кон тоа колкава цена на струјата ќе плаќаме од почетокот на наредниот месец.

Сите погледи деновиве се вперени кон енергетските компании, односно кон тоа колкава цена на струјата ќе плаќаме од почетокот на наредниот месец.

Фактор разговараше со генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, за тоа какви се неговите пресметки и очекувања во пресрет на одлуката за цената на струјата, која ќе ја плаќаме во наредната половина година. Ковачевски за Фактор вели дека лично не очекува да има зголемување на цената на електричната енергија по први јули оваа година.

„Правиме напори во компанијата да го прилагодиме производството на електрична енергија со цел тоа да може да ги покрие до 100 отсто барањата на ЕВН Хоме, а цената ќе ја определи Владата. Нашите очекувања се дека ќе нема зголемување на цената, но на крајот одлуката ќе ја донесе Владата“, вели Ковачевски.

Тој објаснува дека ЕСМ ќе направи напор да обезбеди 100 отсто од потребната количина на струја, бидејќи, како што вели, ако државните електрани покријат само 70 отсто, разликата од 30 проценти количина на енергијата, ЕВН Хоме ќе треба да ја купува на слободниот пазар.

„Токму на слободниот пазар цените на електричната енергија во второто полугодие од годинава се значително повисоки од очекуваните, односно од претпоставуваните цени на Берзата. Или, во овој момент цената на струјата на слободниот пазар е 72 евра за мегаватчас електрична енергија, а цената по која ние досега му продававме струја на ЕВН Хоме е 38,8 евра за мегаватчас. Ние се бориме како да најдеме начин како да произведеме до потребното количество од 100 отсто и да ја задржиме оваа цена, односно без притоа да има зголемување на нашата цена“, објаснува Ковачевски.

Првиот човек на ЕСМ вели дека компанијата својот план за производство ќе го прилагоди врз основа на месечните потреби, а ќе се трудат да произведат доволно количини струја и преку термоерлектраните Битола и Осломеј, но и со вклучување на сите хидроелектрани со кои располага компанијата.

Според Ковачевски, во ситуација кога населението на земјава се соочува со голема здравствена и економска криза, АД ЕСМ и Владата треба да најдат начин, односно да ги искористат сите механизми ЕСМ да понуди ниска цена на електричната енергија, а доколку и тоа не е доволно, тогаш би требало Владата да преземе чекори, односно да го намали ДДВ-то од 18 на 5 проценти.

Сепак, како што нагласува генералниот директор на ЕСМ, ова одржување на ниска цена на електричната енергија, не е трајно решение.

„Во моменти кога земјата се соочува со здравствено-економска криза – да, но за понатаму ќе треба да се изнајде начин за поевтино производство на електричната енергија, но и за постепено прилагодување на цената. Односно, ова значи дека цената на струјата ќе мора во следните години постепено да се зголемува, чекор по чекор по чекор, со цел да се достигне реалната цена за граѓаните во однос на цената на чинење на производство. Бидејќи, следните неколку години ќе треба да ја прилагодуваме цената, со цел кога во 2025 година целосно ќе престане регулацијата, односно пазарот 100 отсто ќе се либерализира, тогаш да не се почуствува сериозен ценовен шок кај граѓаните“, објаснува Ковачевски.

https://faktor.mk/kovachevski-za-faktor-ochekuvam-da-nema-zgolemuvanje-na-cenata-na-strujata-po-prvi-juli

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close