Расправии на пазарот во Прилеп помеѓу прилепските пазарџии и струмичките земјоделци, објави Сител
Видео
„Направете анкета кај народот ако каже народот од Прилеп да си одиме, ние веднаш ќе си одиме. Сите вие пазараџиите сте фотографирани кога купувате од кај нас па препродават“, истакна еден од продавачите на земјоделски производи од струмичко кои продаат кај катната гаража во Прилеп.
„Ти ако си земјоделец ќе одиш кај фолиите, а не тука да доаѓате“, му врати една прилепчанка која има закупено тезга во прилепскиот пазар.
Расправии, навреди и обвинувања денеска на пазарот во Прилеп помеѓу прилепските пазарџии и земјоделците кои доаѓаат од струмичко и продаваат производи од камиони. Пазарџиите во Прилеп одржаа мирен протест со барања ЈП „Пазари“да ги отстрани како што викаат дивите продавачи, лоцирани околу катната гаража, бидејќи тие за разлика од нив не плаќале даноци, а прометот им бил намален за 50%.
„Пазарниот и комуналниот инспекторат во координација со полицијата да ги расчистат узурпираните јавни површини кои со закон не се предвидени како продажни места , а воедно и да ги заштитат граѓаните од продажба на градинарски производи, во нехигиенски услови од епски размери“, вели Николче Трајкоски, претседател на здружение „Пазари“ од Прилеп.
Пазарџиите велат дека поголем дел од нив имале отворено и фирми и дека овие проблеми биле со години и ниту една локална самоуправа не сакала да ги реши. Иако се обратиле и до директорот на пазари и до градоначалникот одговор не добиле
„Ајде и ние наместо на тезга да си гио земиме комбињата да ги отвориме и да си продаваме. Ќе платиме само местото, други давачки нема. WC стана катната гаража. Хигиена никаква, јас незнам и ги прашувам луѓево како купуваат од таму“, додаде Звонко Мирчески, прилепски пазарџија.
По протестот прилепските пазарџии се упатија кон катната гаража каде продавачите демантираа дека продаваат на диво и дека тука продавале со одобрение на ЈП „Пазари“ и Општината и редовно си плаќале.
„Ние го прашавме директорот на „Пазари“ и тие ни дозволија. Прашавме дали овој плац е слободен, тие рекоа да. И ние си плаќаме 13.000 денари месечно, сега незнам зошто сакаат да не избркаат прилепските пазарџии ние не сме против нив“, додаде Симеон Стојанов, земјоделец од струмичко.
Директорот на ЈП „Пазари“, Игор Крстески, денеска не беше достапен за коментар, а од Општина Прилеп ни рекоа само дека во вторник ќе имало средба за да се разгледаат барањата на пазарџиите.