Растенија – добри соседи
Многу растителни видови содржат природни материи во коренот, стеблото, листот и цветот кои привлекуваат или одбиваат штетни инсекти. Овие видови помагаат во подобрувањето на приносот и квалитетот на градинарските култури.
Позитивните карактеристики на корисните растенија се дел од интегралната заштита на градинарските култури. Корисните или растенијата-пријатели, односно добри (пријатни) соседи ќе придонесат и за одржување рамнотежа во екосистемите и природниот изглед на зеленчуковите градини. Корисните растенија припаѓаат на групата лековито-ароматични растенија, односно цветни и зеленчукови видови. Тие се сеат или садат на краевите во зеленчуковата градина како мешани посеви (ред до ред наизменична сеидба на корисните и градинарските видови, потоа сеидба околу градинарските видови или како индивидуални растенија-стапици распоредени околу градината) или како коридори со ширина 1-2 м за секои 50-100 м во полето.
Корисни ефекти на пријателските растенија
Биохемиските супстанции кои ги произведуваат и лачат (со коренот или надземните делови од растенија), растителните видови ги одбиваат штетните инсекти и така ги чуваат растенијата соседи. Така кадифица секретира тиолен кој ги одбива нематодите.
Денес, невенот (Calendula officinalis) се користи како биолошки стерилизатор на почвата во заштитените простори и градините. Со сеидба и одгледување како претходни култури почвата се чисти од нематоди и штетни габи (особено е важно за одгледување на домати, кромид и морков). Сличен ефект има црниот синап, кој е добар и за зелено ѓубрење. За контрола на плевелите се користи и зелен мулч од ‘рж. Хемиските материи од ‘ржта го спречуваат ‘ртењето на семето од плевелите, но не се штетни за одгледување на зеленчук со расадување.
Растенијата „стапици” се многу привлечни за некои штетни инсекти во зеленчукот. На пример, бакла (Vicia faba) и сончоглед се домаќини за црната, црвената и зелената лисна вошка, додека кељот ја привлекува лисната болва и на тој начин врши заштита на другите зелкови култури. Овие растенија посеани во градината го намалуваат нападот од штетните инсекти и се вистински стапици за штетниците.
Корисните растенија се прибежиште за корисните инсекти и предатори (паразитски оси, бубамара и др.) кои се составен дел од интегралната и биолошката заштита на зеленчукот. Со својата различност на миризби и бои на цветовите (невен, фацелија, копар, хељда) и начинот на одгледување во градината (во редовите на леите, како и рабници, околу зеленчукот или во групи), се привлечни места за корисните инсекти. Со зголемување на бројот на корисните се намалува бројот на штетните инсекти. На пример, ако градината има бубамара, ќе нема напад на лисни вошки и развој на вирусни болести на културите.
Денес, овие видови се користат како задолжителни растителни коридори во нивското органско производство на полјоделските и градинарските култури.
Коридорите во нивите се места за живот на корисните инсекти и нивното презимување. Во коридори спаѓаат и меѓите помеѓу обработливите површини ако во нив се застапени наведените видови и други диви видови на растенија. Затоа денес на меѓите се гледа од позитивен аспект, а не како порано, само како наместо расадникк на плевели и живеалиште на штетните инсекти.
Заштита на култивираните растенија се овозможува и со одгледување во заеднички посев на неколку културни видови. Најстар пример е одгледувањето на пченка за зрно. Пченка, грав и тиква, како пример на позитивни меѓусебни односи, се основата на традионалната градина. Пченката прави добра микроклима за гравот и истовремено му служи како поткрепа за стеблото. Гравот, пак, врши збогатување на почвата со азот, тиквата со долгото и полегливо стебло и големите листови прави добар малч, со што ја чува влажноста на почвата и го спречува растот на плевелите. Покрај овие видови во северниот дел на градините секогаш се одгледува сончоглед како заштита од ветер и стапица за лисните вошки.
Денес широка примена во сите еколошки методи на одгледување имаат два веќе добропознати градинарски видови кои „се сакаат”. Тоа се морковот и кромидот. Морковот со својата миризба и со коренските секрети ја одбива кромидовата мува, а кромидот ја одбива мувата на морковот. Како и некои други корисни и пријателски растенија, и тие се карактеризираат со висока содржина на етерични масла и нивното меѓусебно влијание се базира на биохемиските ефекти.
Кога се користи ефектот на добар сосед (пријателски, корисни растенија) потребно е да се применуваат сите агротехнички мерки, кои овозможуваат оптимални услови за одгледување на видовите. Само оптимално развиен посев може да ги искористи сите позитивни ефекти од соживотот со друга градинарска, ароматична, цветна или полјоделска култура. На пример, за подобар раст и заштита од лисни вошки на зелената салата, краставицата, кромидот и тиквата треба да се одгледува копар. Феникулумот попознат како анасон и морковот не се добри соседи, бидејќи се од иста ботаничка фамилија и страдаат од исти болести и штетници!
Отпорност кон патогени габи и подобрување на вкусот на зелката и краставиците се постигнува ако околу нив се посее камилица. Сите зелкови култури интензивно растат, стануваат поотпорни на штетници и болести ако покрај нив или околу нив се одгледува нане, копар, рузмарин, камилица и жалфија, но не и феникулум (анасон). Добри чистачи на почвата (намалување на бројот на нематоди и патогени габи) се невен и црн синап. Овие видови специфичната дезинфекција на почвата ја изведуваат со секретите од коренот и затоа тие треба да се сеат или садат како претходна, односно последователна култура во градинарскиот плодоред.
Валентина Соколовска
за Зелена берза