Рурална коалиција: Земјоделците се незадоволни бидејќи се само формално вклучени во креирањето земјоделски политики
„Во периодот од 2013 до 2016 година, само 3 проценти од земјоделците учествувале во работата на некоја потсекторска група во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Наспроти овој минимален процент, дури 87 отсто од земјоделците сакаат активно да дадат свој придонес во работата на надлежното министерство. Во Вардарскиот, Скопскиот и Североисточниот регион, заинтересираноста на земјоделците за учество во креирањето и спорведувањето земјоделски политики се искачува и до 96 проценти.
Истражувањето на Рурална коалиција, спроведено во втората половина на 2017 година, покажува дека Министерството, во согласност со Законот, има воспоставено механизми и работни тела за вклучување на земјоделците, но нема никаков континуитет и отвореност во нивната работа. Ваквата практика резултира со голема недоверба и незадоволство кај земјоделците. Состојбата е уште поалармантна ако се има предвид фактот дека сите земјоделци (100%) вклучени во истражувањето, нагласуваат дека немаат никакви информации за содржината, формата и заклучоците од состаноците на потсекторските групи, ниту пак, ги препознаваат членовите на овие групи кои доаѓаат од нивните региони.
Имајќи го предвид ова, Рурална коалиција предлага неколку форми и начини за надминување на постојните проблеми: (1) Зголемување на транспаретноста и отвореноста на Министерството спрема земјоделците; (2) Навремено подготвување и објавување на програмите, извештаите и одлуките на Министерството и нивна дистрибуција до земјоделците; (3) Вклучувањето на земјоделците да претставува приоритет за надлежните институции; (4) Да се развијат и применуваат механизми и индикатори за мерење на интензитетот и квалитетот на известувањето и вклучувањето на земјоделците во креирањето и спроведувањето зејмоделски политики..
Завршниот мониторинг извештај претставува краен резултат на активностите што Рурална коалиција ги реализираше во периодот јуни 2017 – јануари 2018 година, во рамки на проектот „Отчетност за сработеното со парите на граѓаните – реформа на јавната администрација која тешко се достигнува“. Овој проект е дел од проектот „Граѓанска алијанса за транспарентност – набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации“, на Фондацијата Отворено општество – Македонија и Евротинк – Центар за европски стратегии, а финансиран од Европската Унија“ се вели во соопштението на Рурална коалиција.