fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Руралните жени го носат најголемиот товар во стопанството во време на корона кризата

 Да се биде жена значи да се биде и менаџер и работник. Во руралните средини само навидум работните задачи се поделени на машки и женски бидејќи во најголем дел од работите кои ги извршува мажот жената главно му помага додека нејзина останува работата околу домот и семејството од аспект на перење, готвење и чистење.

Но овие работи низ домот и околу семејството не се поврзани со семејното стопанство. Кога има работa таму има работа за сите а најизразен е примерот со жените кои чуваат стока. Сточарството како сектор и онака е една од најтешките земјоделски гранки која не познава време за годишен одмор, паузи за викенд прошетки или боледување. Стоката секој ден треба да се храни, да се молзе, млекото да се преработува и во сите тие активности главни се руралните жени. За својот труд тие не се доволно платени и не им е признаено тоа што го работат. Тања Штеријовска од Свети Николското село Мустафино е една од ретките жени кои оптмистички гледаат на иднината на правата и улогата на жените во општеството. Таа лично е задоволна од нејзината положба но единствено смета дека за сите рурални жени да можат со насмевка да ги минуваат тешките работни денови доволно би било само да се пореални откупните цени и да имаат некаков просперитет од тоа што го произведуваат.

-Јас сум многу среќна и задоволна што си чувам овци. Имаме 86 грла и сами со мажот ми ги чуваме оти децата веќе пораснаа и секој си го фати својот пат. Не ми е проблем што работам и дома и на фармата, што сум некогаш и по цел ден со ангажмани околу овците, јагнињата, млекото и плус домашните обврски. Но најмногу ми тежи тоа што сточарството иако е најтешко од целото земјоделство сепак е многу слабо платено. Пример се откупните цени на јагнињата годинава кои можеби заради короната се сведоа на околу 100 денари жива мера што за нас значеше дека не само што не заработивме ништи туку со таа цена ние бевме и во загуба. Покрај јагнето што не се откупува по нормални цени кои не би требало да бидат многу големи ама да не бидат ни под 150 денари нас еве веќе две години ни стои и волната и не се откупува. Никој не ни прашува за волната од овците и мислам дека веќе ќе ја изгориме оти нема што да и правиме рече Штеријовска од Мустафино.

Таа иако потекнува од село сепак долго време работела по конфекции. За себе вели дека животниот пат ја донел назад пак во село каде си има голема слога и љубов со сопругот но не би го менувала животот со оние жени во градот кои се по осум саати во некоја конфекција а некогаш и повеќе. Сепак колку и да има работа на фармата и низ дома смета дека селската жена е поодморена и има поубав живот.

-Селата полека се урбанизираат на некој начин. Ние иако едвај пред две години добивме вода сега со средувањето на улиците останува да се реши уште проблемот со мостот на сред село и ако добиеме и контејнери и ние ќе ги имаме истите услови како и градските жени и нема да размислуваат толку младите да избегаат од село туку ќе си го најдат својот спокој и среќата тука во руралната средина. Среќата во животот според мене е здравјето, слогата, љубовта и децата. Ништо повеќе не барам. Јас порано кога дојдов тука беше голема немаштија ама дојдов со голем елан дека ќе успеам и полека, полека си дојде. Си викав сама на себе ако не оваа година, до година или за две или за три години ама полека се средуваат работите и сега животот ни е полесен.

Не бараат руралните жени многу за да така скромно да ги воспитаат и децата за значењето на работата на село и производството. Да имаат фер откупни цени без проблеми ќе им поминува секојдневието кое тука почнува рано наутро во домот а завршува доцна навечер во фармата. Единствено поголема тешкотија, несигурност и зголемен ангажман донесе корона кризата која освен преку падот на откупните цени и економската нестабилност на семејното стопанство донесе и намалена можност на ангажирање на работна сила која најчесто ја менуваат самите жени со својот труд.

З.Б.

Слични написи

Back to top button
Close