С. Зашле – македонска Швајцарија, сегашност, сон или идна реалност?
Во југозападниот дел на Македонија на 28 км оддалеченост од Демир Хисар се наоѓа селото Зашле. Селото е распослано на падините на планината Лубен на надморска висина од 1220 метри. Опколено е со пасишта, лековити билки, дабова и букова шума. Природата дарила секакви убавини, но за жал нив ги чувствуваат само оние мал број зашлани кои живеат овде. Местото го нарекуваат македонска Швајцарија кое во летниот период најчесто го посетуваат некогашни жители на Зашле кои барајќи поубав живот се иселиле.
Од главниот пат Демир Хисар – Кичево до Зашле води тесен, кривулест пат. Патот е асфалтиран , но по тревата што никнала од пукнатините на асфалтот се добива впечаток дека не е многу прометен. Наоколу живописна природа со прекрасни пејзажи, така што на оние љубопитните ќе им треба нешто повеќе време да ги поминат тие 10 км дури да стигнат до селото. Убав поглед, чист воздух и цвркот на птици кои ја разбиваат тишината во селото. На сретсело старо училиште, месна заедница и селска продавница кои не функционираат, но оддаваат впечаток дека некогаш овде функционирал поинаков живот од сегашниот. Телефонската говорница е само нем споменик кој говори дека некогаш во селото било раздвижено и се комуницирало со останатиот свет. Споменикот од НОБ само потврдува дека селото има богата историја. Од него потекнуваат многу борци кои ги дале своите животи за татковината. И старите куќи со убава архитектура, специфична за тој крај, говорат дека овде живееле луѓе, занаетчии, кои граделе и твореле со љубов.
Неколку стари пензионери го чуваат споменот на с.Зашле
А сега… сега само празнина во која тешко се наоѓа жива душа. При посетата на Зелена берза во ова село наидовме на последниот учител во селото, Иван Ангелевски кој со носталгија проговори за учениците и животот во селото некогаш и денес.
-Селото е празно. Има околу 3-14 жители што живеат постојано, сите се со едната нога во дворот со другата в црква. Порано имаше 70 -80 куќи и во секоја од нив по 3-4 деца. После 1963 година населението нагло се исели, а училиштето се затвори 1977 година. Јас бев последниот учител од ова село. Останаа уште 3-4 деца кои продолжија да учат во центарлното училиште во Жван. Таму работев 15 – 16 години, после во Стругово уште11 год. и сега сум пензионер. Овде доаѓаме со сопругата преку цело лето. Ова е Швајцарија. Ретко може да се најде ваква убавина. Мојата куќа се наоѓа на 1230 м надморска височина и може само да замислите каква ава е ова. Овде има најголем ден. Можам да речам дека сонцето изгрева во 3 часот, а заоѓа навечер во 11. Сега овде идат само оние што се тука родени и овде ги викаат дошлаци. Некој иди за викенд некој на недела две. Преку летото има повеќе луѓе. Само во Скопје има 80 фамилии преселено, 30-40 се во Битола, Демир Хисар, Прилеп, Крушево. Одвреме навреме ќе дојдат, ќе поседат ама младежот овде не се задржува, бегаат каде што има подобри услови за живот, објаснува Иван.
Летните месеци ги поминува заедно со својата сопруга берејќи најразлични плодови од кои прават сокови, мармелади, џемови за своите внуци.
Струја, водовод и чешми со најубава вода за пиење. Порано луѓето се занимавале со земјоделие и сточарство. Секоја куќа имала по 20-30 глави овци, за денес да има само неколку овци и кози. Големиот број варници потсетуваат на печењето вар кој потоа натоварена на коњи ја носеле преку Крушево во Кривогаштани, Прилеп и други села. Животот им бил многу мачен затоа луѓето се иселиле. Но желбата по родната грутка никогаш не згаснала. Го сретнавме Ристе Илиевски кој по своето пензионирање од Скопје се вратил во Зашле.
-Овде ме трга, мене убав ми е животот, нема којзнае какви услови, ама се вратив. Имам пензија, купив коњ и со него носам дрва. Имам бавча и заедно со сестра ми садиме компири, тикви, праз и сè што можеме да одгледуваме за живот. Животот некогаш и денеска има голема разлика. Младите нема да се вратат никогаш. Овде нема никаков превоз, до градот одиме со такси. Скапо е ама кој те прашува. Нема ништо, нема продавница, нема амбуланта.Селото не да е напуштено туку испустено е. Доаѓаат роднини и пријатели на еден ден, еве како вас и ќе си заминат, објаснува Ристе.
Заминале, но не го заборавиле Зашле
И покрај убавините што ги создала природата, сепак до сега иницијатива за развој на рурален туризам не е покрената. Неколку поранешни жители си ги поправиле и реновирале старите куќи во кои живеат преку летото, но тоа не е доволно за туризам. Заминале луѓето од селото, но не го заборавиле. Некои дури се обиделе спомените од некогаш да ги забележат на хартија.
Драган Наумоски е еден од оние зашлани што се иселиле, но се вратил да си ја поправи куќата и да престојува во неа преку летото. Имал идеја да направи нешто повеќе за да заживее селото, но немало доволно услови за тоа. Затоа пак за да ги сочува од заборав спомените за некогашниот живот во селото напишал две книги: „Зашле кастрено дрво – жив корен“ и „Ишле ишле и зашле“ како подарок на сегашните и идни генерации. Како што ни кажа се обидел да го напише сето она на што се сеќава и е поврзано со Зашле. од неговата историја, фамилиите, традицијата обичаите, храната и се она што успеал да дознае од други зашлани , бидејќи за селото нема многу пишани документи.
Не богата, ама вкусна трпеза
-„Ако се потсетиме на минатото многу нешта ќе ни кажат дека нашите предци живеела во беда и сиромаштија. Какви јадења спремале за доручек, ручек и вечера и како ги јаделе. Повеќето готови јадења ги јаделе со раце без прибор или макале со три прсти. Кога имале чорбесто јадење сркале од еден дрвен, подоцна земјен ваган, со дрвена лажица, виљушка немало. Лебот го печеле под вршник во земјена џрепна а потоа го кршеле со рака на парчиња, нож не користеле“, напишал Драган во својата книга „Ишле ишле и зашле“. Во неа посветил внимание на рецепти на јадења кои сеедно дали биле посни или мрсни биле вкусни и како што вели прсти да излиже човек.
Полнети суви пиперки, Дајкуре, Јанија, Царска манџа, Толччено макало со праз, Жетварска манџа, Зашлечки толченик со расолница, Бакрданик, Питарваник, тури потпечи – суптите, Погача Боден дедо, Јачмени питулици со грав- граварник, бунгур, Мајкини колбаси,Топејнца, колбас црево во црево , Чомлек се само дел од мноштвото рецепти што Наумоски ги опишал во книгата.
Црквите и манастирите за сега се единствените каде населението се навраќа за големите христијански празници.
На самото сретсело, издигната на една височинка се наоѓа црквата Свети Илија — главна селска црква во селото Зашле. Во кругот на црквата се наоѓаат селските гробишта. Од десна страна на пристапниот асфалтен пат, кој води до селото во густата шума се наоѓа зашленскиот манастир во кој се наоѓа црквата Свети Ѓорѓи — главна.
Во селото има две прекрасни природни чешми за вода кои секогаш се со исти капацитет на истечност. Под школото има чешма која носи име Св. Недела, а другата, кладенец со два дулци кој е обновен во 1993 година.
Од чешмата „Артачица“ (збир на подземни води) се верува дека тече света вода која може да помогне за лекување на многу болести. За денешниот нејзин изглед се погрижил Драган Наумоски.
За оваа чешма вели дека од неа тече магнетизирана, природна, планинска, петочна изворска „Жива вода“ со свето име Лазарова сабота.
-Многу нешта слушнав од постари соселани за таа вода, па затоа ја нареков антибиотик на веков. Чешмата во 2016 ја осветив и препорачувам и ги канам сите доборнамерници да дојдат во с.Зашле, да ја видат чешмата, да се замијат и напијат вода од нејзе за здравје, среќа и љубов. Тоа е наједноставниот начин да се спречат сите маки и тегоби што се носат во себе, вели Драган.
Поради планинската клима и недопрената природа, местото е идеално за пчеларење и не само за тоа. Местото создадено е за рурален туризам. Не попусто ја нарекуваат македонска Швајцарија, но дали тоа ќе биде само неостварен сон или реалност за која ќе се погрижат идните генерации ќе покаже времето.
П.Јовановска