fbpx
Агро бизнисВестиИнтервјуаМакедонијаТоп вести

ЕКСКЛУЗИВНО-Шапуриќ-Владата издвојува голема државна помош за тутунарите

Интервју на „Зелена берза“ со Зоран Шапуриќ, директор на Државниот инспекторат за земјоделство. Годинава се овозможи откуп на целиот вишок на тутун, односно вкупно 26.948.000 милиони кг тутун, од кои се вишок рекордни околу 4.000.000 кг. Крајна просечна цена, севкупна и на договорениот тутун и на вишокот е 159 денари, а за договорениот откуп околу 165 денари по килограм. Ова значи дека се е откупено и за целиот тутун ќе се добијат субвенции. Исто така, токму поради големиот вишок на тутун издвоени се во буџетот од ковид мерките дополнителни 6 милиони евра за тутунот. Владата исто така, издвои и 100 милиони денари за откуп на вишокот на тутун на Тутунски комбинат од Прилеп, кој е во доминантна сопственост на државата. Владата и другите институции посветуваат големо внимание и грижа на севкупната проблематика во областа на тутунот и преку голема државна помош покажа дека не ги остава тутунарите на милост и немилост на приликите на пазарот, вели Шапуриќ.

З.Б-Со какви предизвици се соочуваше Државниот инспекторат за земјоделство во услови на пандемија?

Земјоделството и производство на храна имаат значајно место во нашата економија. Околу 10 проценти од бруто домашниот производ е поврзан со земјоделството. Државниот инспекторат за земјоделство има значаен удел во функционирањето на земјоделскиот сектор.

Државниот инспекторат за земјоделство е инспекциски орган кој е надлежен за спроведување на инспекциски надзор од областа на: земјоделство (откуп на примарни земјоделски производи), руралниот развој, рибарство и аквакултура, пчеларство, сточарство, земјоделско земјиште и земјоделска политика, семето и садниот материјал, производите за заштита на растенија, квалитетот и безбедност на ѓубриња, виното со лозарството, цвеќето и декоративните растенија, квалитетот и безбедноста на примарните земјоделски производи, органско земјоделско производство, генетски модифицирани организми, тутунот и тутунските производи, директните плаќања во земјоделството.

Инспекторатот врши и фитосанитарна контрола на пратки од растенија, растителни производи при увоз, извоз, ре-експорт и транзит, издава фитосанитарни сертификати, сертификати за квалитет за пратки од извоз и увоз, сертификати за квалитет за тутун и вино  за извоз, а исто така, извршува проверка за утврдување за исполнување на условите за производство и откуп на земјоделски производи и тутун, винарски визби, рибници. Самиот факт што работењето и надлежностите на Државниот инспекторат за земјоделство  се регулирани во шеесетина закони и околу 200 подзаконски акти, ја покажува сложеноста, комплексноста и обемноста на работењето.

Изминативе 15 месеци и покрај тоа што работеше во мошне сложени и отежнати услови на пандемијата предизвикана од Ковид-19, Државниот инспекторат за земјоделство, редовно ги извршуваше своите активности.

***

З.Б-Како го оценувате редовниот откуп на тутунот од реколтата 2020-2021 година? Тутунарите обвинуваа за пропусти на инспекторите на терен.

Најпрвин мора да кажам дека ваквите наводи се неточни. Државниот инспекторат за земјоделство согласно своите законски надлежности постојано беше на терен од самиот почеток на откупот на тутун. Надзорот го вршеа не само инспекторите од Пелагонискиот регион туку и од цела држава. Откупот се контролираше и во струмичко, радовишко, велешко, Чашка  и во други региони каде што се одгледува и откупува тутунот. Тоа се вкупно 174 откупни места. И покрај ограничени кадровски ресурси и голем број на заболени инспектори, досега се извршени повеќе од  5.000 инспекциски надзори.

Ние ги сфаќаме тешкотиите со кои се соочуваат производителите на тутун. Но, Државниот инспекторат делува согласно своите законски надлежности и не може да влијае на проценката и цената на тутунот. Инспекторатот е надлежен да контролира дали се во ред откупните белешки, односно документите за откуп, дали компаниите кои што вршат откуп на тутун имаат обезбедено финансиски средства и тоа однапред пред почетокот на откупот, дали се врши исплата за откупениот тутун во утврдените рокови, дали откупните пунктови исполнуваат услови за работа, дали правилно работат пунктовите и  во предвиденото работно време и бројни други надлежности. Постојано и јас и инспекторите сме во контакт со претставниците  и на откупувачите и на производителите на тутун. Се разбира, покрај редовните надзори се одеше и на откупните пунктови и на барање на производителите.

Заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа имавме повеќе од десет состаноци со откупувачите и со производителите на тутун. Така да, бевме и ние како Инспекторат и Министерството и нивните подрачни единици постојано на терен и на дневна основа го следевме откупот.

З.Б-Тутунарите се жалеа на ценењето на тутунот по шифри. Повикуваа Второстепената комисија, но реагираа дека одлуките не се во нивна полза? Каква беше состојбата на терен?

Во однос на проценката на класи и на цената врз база на проценката што им се одредува од откупувачите, Инспекторатот, ниту пак кој било државен орган нема надлежности. Во услови на пазарна економија, тоа се договорни облигациски односи помеѓу откупувачите и производителите. Она што согласно законската регулатива го имаат производителите, во случај да се незадоволни од проценката по класи, е да поднесат приговор до Второстепена комисија, во која има претставници на производители, на откупувачи и на подрачните единици на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Беа поднесени 80 приговори од кои околу половината беа прифатени. Што се однесува на приговорите за одбитоци, тие со посредство на Министерството за земјоделство и на Инспекторатот од почетните 10 проценти беа намалени.

Сојузот на земјоделски здруженија поднесе иницијатива за корекција на правилниците кои го регулираат откупот со цел да се елиминира т.н откуп по шифри и корекција на утврдување на мострите. За ова е потребен дијалог помеѓу производителите, откупувачите и надлежните институции.

З.Б-Поплаките на тутунарите продолжија и во вонредниот откуп, дека се уценувани да го дадат родот за бадијала, ако сакаат да им се склучат договори за новата реколта. Колку Инспекторатот беше запознаен со ваквите реакции?  

Минатата реколта 2019/2020 година, беа склучени договори за откуп на 25.700.000 кг тутун и целиот договорен тутун беше откупен и тоа по историски највисока просечна цена од преку 220 денари. Исто така производителите на тутун добија субвенции од државата во износ од околу 30 милиони евра во денарска противвредност. Веројатно овој факт влијаеше  производителите да насадат многу повеќе од договореното количество кое изнесуваше 22.950.000 кг. Според некои проценки произведена е многу поголема количина тутун, која се проценува на околу 4.000.000 кг тутун. Во законскиот рок до крај на февруари беше откупена договорена количина од страна на откупувачите. Потоа, во договор со Министерството и Владата, со производителите и откупувачите, Собранието на Република Северна Македонија, ги усвои законските измени со кои рокот за откуп е продолжен до 31 март, со што се овозможи продолжување на откупот, со цел да се откупи вишокот на тутун. Еден дел на компании кои се занимаваат со откупот согласно своите финансиски можности се одзваа да го продолжат откупот, за што обезбедија дополнителни финансиски средства. Така да, се овозможи откуп на целиот вишок на тутун, односно вкупно 26.948.000 милиони кг тутун, од кои се вишок рекордни околу 4.000.000 кг. Крајна просечна цена севкупна и на договорениот тутун и на вишокот е 159 денари, а за договорениот откуп околу 165 денари по килограм. Ова значи дека се е откупено и за целиот тутун ќе се добијат субвенции.

Како што веќе напоменав државата не може да влијае на откупната цена. Тоа е единствено можно преку приговори до Второстепена комисија каде што од три члена еден е претставник на државата, односно на МЗШВ.

Годинава откупувачите најавија дека ќе склучат договори за откуп најмногу за количина од 21.500.000 кг. Ова според нив е поради залихите и поради намалената побарувачка за тутунот на светскиот пазар. Да напоменеме дека годинава една откупна компанија поради залихите на тутун од претходниот откуп не успеа да обезбеди финансиски средства за откуп на околу 480.000 кг тутун. Нивната обврска беше преземена од Тутунскиот комбинат Прилеп.

Во врска со реакциите на производителите, Инспекторатот или која било институција не може да ги натера да заклучат договори за количини кои според нив не се во состојба да ги пласираат на пазарот. Ова особено што, откупувачите истакнуваат дека покрај проблемите со пласманот имаат проблеми и со сместување на тутунот, како и тоа дека годинешнава реколта е со послаб квалитет од ланската, со што начелно е потврдено и од добар дел од производителите.

З.Б-Дали Сојузот на земјоделски здруженија кој со своите повереници учествува во проценката на тутунот затаи, па товарот се фрли врз Инспекторатот?

Ова е малку контрадикторно со вашите наводи дека инспекторите биле на терен. Се разбира дека е работа на инспекторите да бидат на терен. Не е наша работа да ја оценуваме работатата на здруженијата на производителите. Но нашите сознанија се дека и Сојузот на земјоделски здруженија како и Иницијативниот одбор на производителите со кој соработуваше Сојузот, беа постојано присутни на терен. Инспекторатот беше постојано во контакт со Сојузот и со Иницијативниот одбор. Голем дел од средбите помеѓу тутунарите, откупувачите и институциите  беа одржани на иницијатива на Сојузот.

З.Б-Како треба да се регулира производството на вишокот на тутун?

Вишокот на произведен тутун кој што не можат да го откупат откупувачите станува голем проблем. Една од главните причини е намалување на побарувачка за тутун на меѓународните пазари. Владата усвои Стратегија за производство за тутун за период до 2027 година, во која се предвидува регионален пристап во производство на тутун, како и додатни стимулации за поттик на замена на производство на тутун во оние делови на државата каде што е можна преориентација на одгледување на други култури. Областа на тутунот е доста регулирана, но се разбира не е се можно да се регулира и регулативата не може да ги измени условите и приликите на меѓународните пазари. Во секој случај, Владата и другите институции обрнуваат големо внимание и грижа  на производителите на тутунот. Доказ за тоа е што се издвојуваат големи финансиски средства за субвенции во земјоделско производство кои се околу 150 милиони евра во денарска противвредност на годишно ниво, од кои на тутунот отпаѓаат околу 30 милиони евра. Исто така, токму поради големиот вишок на тутун издвоени се во буџетот од ковид мерките дополнителни 6 милиони евра за тутунот. Владата исто така, издвои и 100 милиони денари за откуп на вишокот на тутун на Тутунски комбинат од Прилеп, кој е во доминантна сопственост на државата. Владата и другите институции посветуваат големо внимание и грижа на севкупната проблематика во областа на тутунот и преку голема државна помош покажа дека не ги остава тутунарите на милост и немилост на приликите на пазарот.

***

З.Б-Градинарите се жалат дека се увезуваат раноградинарски производи од соседните држави, а нивните производи стојат неоткупени, а увозот им ја урива производната цена? Како да се заштити домашното производство?

Согласно договорите за слободна трговија на Република Северна Македонија со земјите во регионот во рамките на ЦЕФТА, како и договорите со Европската унија е овозможен олеснет извоз на нашите земјоделски производи. Ова е многу значајно бидејќи нашиот пазар е мал и решението на нашите земјоделски производи е единствено во извозот. Ова добро им е познато на земјоделците. Се разбира, тоа согласно меѓународната правна регулатива подразбира и олеснет увоз на земјоделски производи. Одредени барања да се воведат дополнителни увозни давачки за увоз на земјоделски производи е невозможно согласно повеќе меѓународни спогодби, таквата пракса би довела до реципрочни мерки за извоз на нашите земјоделски производи.

Од друга страна, согласно означените спогодби, разни видови на сертификати се признаваат помеѓу нашата земја и наведените земји. Доколку во исклучителни ситуации постојат одредени сомневања одредени производи се испраќаат во акредитираните  лаборатории. Исто важи и за другите држави. Сепак, квалитетот на нашите земјоделски производи е многу добар и нашите потрошувачи знаат да го препознаат и за најголем број на нашите земјоделски производи, и тие не се премногу загрозени од означениот увоз.

***

З.Б-Земјоделците се жалат на откупот, дека откупувачите ги уценуваат, им ги проценуваат производите со пониска класа. Како реагира Инспекторатот, што констатира на терен?

Откупот на земјоделски производи во најголем дел се одвиваше без некои поголеми проблеми. Се разбира пандемијата влијаеше негативно врз цената на еден мал дел производи. Но, државата реагираше со додатни субвенции, како што се додатни 4 денари по килограм грозје, со квалитет под 18 шеќерни единици, од  Ковид програмата за откуп на грозје од типот на Смедеревка и Вранец, за што Владата издвои додатни средства од преку 6 милиони евра, што со редовни субвенции заедно изнесуваше 8 денари по кг Смедеревка и Вранец. Потоа, за прв пат, се воведе и субвенција за високосортни видови на грозје, како и покривање на дел од транспортните трошоци за извоз на вино на винарниците. Ако се додадат субвенции за по хектар за одгледување на грозје, очигледно е дека се работи за голема финансиска поддршка од државата. За пролетната зелка лани, се одредени додатни 3 денари субвенција, сега се зголемија и субвенциите за оризот и за други земјоделски производи. Откупот пак, на пиперките, доматите, краставиците, јаболкото, праската, како и на житариците се одвиваше без проблеми.

Улогата на Инспекторатот е да го контролира откупот во поглед на издавање на откупни документи, исплатата, истакнување на цени, исполнување на услови за откуп. Најголем ангажман беше при откупот на грозјето и спроведување на ковид мерката при откупот на раноградинарските производи, како и при откупот на тутунот.

                                                               ***

З.Б-Земјоделците од Кочанско ги палат оризовите стрништа. И не само тие, многу земјоделци се ослободуваат од отпадот со палење на оган во полињата. Што презема Инспекторатот да ја спречи оваа појава?

Не само Инспекторатот и другите институции, како и вие медиумите повикувавте  да не се палат стрништата. Имавме навистина големи активности во надзори на палење на стрништа кои за жал траат со децении. Изречени се голем број на казни. Палењето на стрништата покрај тоа што продуцира загадување на воздухот, продуцира и опасност од пожари. Голем дел од овие активности се реализираат во соработка со Државниот инспекторат за животна средина, со единиците на локалната самоуправа, со МВР, со противпожарните служби и со други државни институции. Покрај репресивните мерки, треба да се подига постојано и свеста кај земјоделците за штетните последици.  

Анета Блажевска

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close