Славица Стојковска-Од работа нема срамота, не чекајте вработување според професијата
Славица е жена фармер, земјоделец, дипломирана наставничка по биологија и хемија чие животно мото е работата го прави човек тоа што е.
Славица Стојковска (57) е фармер од пелагониското село Добромири. Таа по професија е дипломиран наставник по биологија и хемија, а над три децении се занимава со сточарство и со земјоделие. Стојковска има регистрирано фирма и целосно е посветена на сточарството. Има мала фарма и за живина. Таа е голем љубител на цвеќиња, нејзиниот семеен дом е слика и одлика на нејзината љубов и грижа кон цвеќињата.
-Триесет години веќе се занимавам со земјоделие, како девојка студирав и дипломирав за наставничка, работев една година како на замена, ама кога видов дека не е тоа што требаше да биде, одлучивме со сопругот Флорин и почнавме да работиме со фармата со крави и да обработуваме земја. Работата на секој земјоделец е тешка и мачна, ама потешкото некогаш носи и повеќе. Никаде нема лесно, затоа човек треба да знае што е добро или најдобро за него, вели Стојковска во разговор за „Зелена берза“.
Таа е жена која знае што сака за себе и за своето семејство, исклучително трудољубива и вредна, на секоја жени и порачува да работи, да биде исполнета и реализирана, зашто како што вели, работа направена со љубов носи успех.
-Со факултетот сакав да работам или наставник или лаборант, кога видов дека шансите за вработување се мали реков мора да се почне од некаде, да се егзистира, па почнавме со малку, со две до три крави, тргна работата и само одевме нагоре, се ширевме како бизнис, со тоа ја обезбедивме егзистенцијата на фамилија и ги школувавме децата. На жените кои децидно се држат до тоа да работат според професијата и дипломата само ќе им порачам-да не се срамат од работа, јас никогаш не се срамам од ова што го работам, зошто секоја работа те прави човек. Ако работата ја работиш со љубов, секогаш ќе имаш успех, отколку да седиш со скрстени раце и да чекаш цел живот за да се вработиш според професијата, порачува Славица.
Децата се огледало на нашиот живот
Образованието е моќта на ова семејство. Од земјоделие Славица ги школува свои деца од кои двете ќерките се магистри по фармација и право, а синот е трета година на медицина.
-Децата ми се школуваат, работата е главно моја и на сопругот. Постарата ќерка Магдалена е дипломиран фармацевт и магистер по фармација, помалата ќерка Билјана е дипломиран правник и магистер на правни науки, а синот Ѓорѓи студира медицина. Децата се огледало на нашиот живот. И учат и помагаат дома во земјоделието, раскажува Славица.
Семејството Стојковски сега огледува 25 крави и обработува 40 хектари земја, на која садат пченица, пченка, јачмен и луцерка. Најголем дел од производството го преработуваат во храна за добитокот, а дел и го продаваат. Дневно предаваат до 300 литри млеко, или 7 до 8 тони млеко месечно, а откупот им се загарантиран во Битолската млекарница. За работа на нивите имаат три трактори и се што им е потребно од помошна механизација, единствено велат им недостасува комбајн за жетва на житните култури.
-Откупната цена на млекото треба да е повисока, имаме многу работа, многу вложуваме, а цената не е соодветна. Цената од 18,5 денари за литар млеко е ниска, порано имавме цена и до 25 денари. Сепак од тоа живееме, вели Славица.
Цветниот двор на Стојковски маѓепсува
Дворот од семејната куќа на Стојковски е послан со разнобојни цвеќиња. Тие се голема љубов на Славица, па и денот и почнува токму со нив.
-Голем љубител сум на цвеќиња, дворот ми е главна преокупација, прво штом ќе станам наутро гледам во каква состојба се цвеќињата, дали се убави, дали некое се исушило, па после одам во фармата да се завршат таму работите заедно со сопругот. Љубовта кон цвеќињата ми е од мала, ама кога се омажив се посветив на дворот. Кога одам на пазар или во цвеќара да купувам нови цвеќиња сите ги посакувам, да можам сите би ги купила. Во мојот двор имам околу 400 цвеќиња, раскажува Славица.
Таа подеднакво е успешна и во кујната, вели дека на големо задоволство и меси и прави благо, а ја продолжува и семејната традиција на правење бело кравјо сирење.
-Од рака ми оди и месењето на мазници и кифли, како и на благо. А секоја желба на моите деца и на внучињата е моја заповед. И покрај обврските ќе најдам време, ако треба и навечер и ќе измесам или ќе направам колачи. А од свекрва ми научив и продолжив да правам бело домашно сирење, на старински начин со маја, со сириште, ја завршува својата приказна Славица.
Анета Блажевска