fbpx
Вести

30% јадат месо, 70% зелка а статистика вели јадеме сарма

sarma

30% јадат месо, 70% зелка а статистика вели јадеме сарма. Вака најсликовито може да се објасни мерењето на просечната плата која во ноември достигнала 23.196 денари.

ДЗСраст на платата за 3.6% за една година

Просечната месечна заработка на Македонецот во ноември 2017-та била 23.196 денари и за една година е зголемена за 3.6% покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Сепак, малкумина се над, а многумина под оваа сума.

Растот на платите пред се е резултат на зголемениот минималец кој почна да се исплаќа од септември.

Податоците на ДЗС покажуваат дека за една година најмногу пораснале примањата во најмалку платените дејности кои се на граница со минималната плата.

Така, платите во преработувачката индустрија скокнале за 8.9%, во угостителството и хотелиерството за 8.7%, а во земјоделството за 7.6%.

Од друга страна има намалување од дури 15.8% во секторот уметност и забава, од 5,9% во транспорт и комуникации и од 4.3% во стручни и научни дејности.

Највисоки плати имаат програмерите, правниците и сметководителите, како и вработените во воздухопловството. Најниски се кај рибарите, како и работниците во кожарската и текстилната индустрија.

Во ноември лани, 1,1% од вработените во земјава не зеле плата.

70% од вработените под просекот

Минималецот е недоволен да ги испегла големите разлики во примањата. Анализите на Finance Think покажуваат дека и натаму дури две третини од работниците имаат примања пониски од просекот. Апелираат да се направи нова стратегија со која ќе се подобри животниот стандард на граѓаните, но и ќе се продуцираат кадри со вештини од високо платените дејности.

„Треба да се размисли за модел на економски раст базиран на високоплатежни сектори како што се компјутерските дејности. Потребна е долгорочна стратегија и реформи, започнувајки од образовни програми. Македонија треба да продуцира кадри со вештини во тие сектори и дејности, а мерките за вработување да се насочат кон тие дејности“, велат од Finance Think.

Невработеноста е обратно пропорционално врзана за платите, објаснуваат економските аналитичари. Намалувањето на стапката на невработени значи зголемување на примањата на вработените поради пазарните механизми. Влијание имаат и синдикатите кои кај нас се слабо организирани.

Големи класни разлики

Ова се отсликува во таканаречениот GINI коефициент кој според последните податоци на ДЗС во Македонија изнесува 0.366.

GINI е мерка на нееднаквоста на приходите. Вредноста на коефициентот е дефинирана во распон од 0 до 1, при што ниска вредност индицира подеднаква распределба на приходите или богатството, а висока вредност нееднаквост. Доколку GINI изнесува 1 тоа би значело дека во конкретното општество едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи.

Во светски рамки најголема нееднаквост меѓу населението има Јужна Африка со коефициент 0.634, следуваат Намибија со 0.613 и Хаити со 0.608. Најмали разлики има во Украина 0.255, Исланд 0.256 и Словенија 0.257.

Од земјите во регионот освен Словенија која стои фантастично добро и во светски рамки, солидно котираат и Албанија со 0.290, Србија со 0.291, Црна Гора 0.319, Хрватска 0.322, Босна 0.331, Грција 0.358.

Полошо од Македонија е рангирана единствено Бугарија со GINI коефициент од 0.374.


 

денар.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close